Медиумите и воените конфликти

  • Став на Стефан Симовски

Воените известувања треба да ги читаме со критички став. Најголемиот дел од новинарите можат да потврдат едно нешто што веројатно на многумина ни е познато: Кога читаме известувања од места зафатени со воен конфликт, потребно е да го следиме тоа што ни го сервираат со големо внимание, затоа што тогаш најлесно сме подложни на пропагандни дејства.

Извештаите на воените известувачи на лице место можат да извршат пресудно влијание на јавното мислење за оправданоста на воениот конфликт. Во 1991 година безмалку сите светски тиражни весници дадоа огромен публицитет на веста за воениот напад на тогашната југословенска армија на крајбрежниот хрватски град Дубровник. Некои од нив дури објавија вест дека имало воени дејства во прекрасниот стар дел од градот. Можното проширување на воениот судир во стариот дел на овој јадрански бисер ги разбранува страстите. Револтот на јавноста не беше единствено поради тоа, туку поради воениот судир што веќе подолго време беснееше на подрачјето на поранешна Југославија. Стариот дел на Дубровник е заштитено подрачје со значајни културно -историски споменици од непроценливо значење што беа на удар на конфликтот.Светот не смееше да дозволи проширување на воениот пожар во него.

Следуваше очекуваната реакција на Европската Унија. Таа на 15 јануари 1992 година ја призна независноста на Хрватска. Оттогаш повеќе немаше дилеми за тоа кој беше виновникот во воениот конфликт во Хрватска. Југословенската армија беше окупаторот, а на Хрватска и беше потврдено сувереното право да ја брани својата татковина од агресијата. Тоа беше вистинска пресвртница во воениот судар. Хрватска која дотогаш многу тешко успеваше да купи оружје, по јануарската одлука на Европската Унија веднаш доби најсовремено вооружување: пред се авиони со кои полесно можеше да се бори против агресорот.

Се разбира, неспорно беше влијанието на медиумите со веста за воените дејства во Дубровник, иако хрватскиот парламент во 1991 година веќе прогласи независност. Очигледно Дубровник беше капката што ја прелеа чашата.

По само неколку месеци хрватската армија успеа да го освои Дубровник. Веднаш потоа многумина љубопитни, но и славни личности го посетија градот за лично да се уверат во воените разурнувања. Вистина беше дека штетите од разурнувањата на новиот дел на Дубровник беа големи, а на стариот дел на градот мали и незначителни, иако од градската ѕидини најупорните успеаја да забележат повеќе оштетени покриви, но само пет видливо оштетени куќи.

Сликата на новиот дел на градот беше поинаква. Надвор од старите градски ѕидини (таму се простира новиот дел на Дубровник) имаше големи оштетувања. Цели градски четврти беа уништени. Локалното население за оваа видлива разлика даваше свое објаснување. “Србите не успеаја да влезат во стариот дел на Дубровник, зашто старите ѕидини беа поцврсти и полесно ги браневме. Благодарејќи на нивната цврстина оштетувањата се помали” – изјави еден жител на градот.

Но, упатените очевидци на настаните имаа поинакво гледиште. Една млада хрватска новинарка што студираше новинарство на Универзитетот Кремзер во Австрија ја објави следната објективна вест: “Србите немаа намера да го уништат стариот дел на Дубровник, иако релативно лесно можеа тоа да го направат. Српските трупи беа распоредени на околните планини. Градот и околните села им беа на дланка. Погледнете како поминаа тие. Беа речиси срамнети со земја. Србите еднострано решија да го заштитат стариот дел на градот. Тој претставува туристичка атракција. И тие знаеја дека туризмот носи пари.“

Малите разлики во преводот влијаат на сфаќањето на веста

Ако известувањата од Дубровник на воените известувачи беа објективни како веста што ја објави младата новинарка, веројатно реакцијата на јавноста ќе беше поблага, а револтот кон Србите помал, зашто тие очигледно во воени услови воделе сметка да не го уништат значајното културно наследство.

Но, медиумите известуваа поинаку, па затоа речиси сите веруваа дека на стариот дел на Дубровник му се заканува разурнување. Постојат поделени мислења за тогашната вистинска намера на медиумите да известуваат пропагандистички за овој настан.

Воените известувачи што се наоѓаат во подрачјата зафатени со воен судир често се под притисок и страхуваат за својот живот. За жал, само одредени медиуми можат да си дозволат да испратат известувач на лице место. Постои и уште еден сериозен проблем: текстовите на воените известувачи на богатите германски, француски, британски и американски медиуми честопати се преземаат или преведуваат, па можно е поради брзината со која мора да се преведе информацијата да се појават одредени нејаснотии (можни грешки), кои уредниците произволно ги толкуваат и во многу наврати без консултација со преведувачите интервенираат во преводот според своја слободна процена.

Понекогаш се случуваат и други опасни нешта: Одреден грозоморен настан да сенастојува преку разни пропаганди да се минимизира. Тогаш е сосема јасно дека виновник е една од страните вклучени во конфликтот. Тоа се случуваше со емитуваните телевизиски извештаи за време на американските воени дејства (жестоките бомбардирања) во Ирак во кои тие даваа известувања дека американското оружје има висока прецизност и погодува исклучиво воени цели, како на пример, складишта со муниција или непријателски воени цели. Воените извештаи беа предмет на цензура, зашто новинарите мораа претходно да го пријават извештајот кај американската војска, па гледачите можеа да го видат само тоа што американските воени власти сакаа да биде емитувано во јавност. Затоа дури по завршувањето на офанзивата на виделина излезе уништувањето на цивилните објекти.

Селективно читање

Мораме да бидеме особено внимателни кога читаме воени известувања од области што се предмет на воен судир. Откако ќе се увериме дека сите тиражни весници што имаат известувачи на местото на настаните подолго време даваат релативно идентични информации, можеме да ги сметаме за веродостојни. Во моментов, за жал, не постои медиум во нашата земја што би можел да си дозволи да испрати воен известувач подолго време во некоја земја зафатена со воен судир. Затоа сме принудени да се фокусираме на известувањата на побогатите медиуми кои имаат првокласни воени известувачи. Нашите читатели од тие причини постојано се исправени пред потребата сами да ги разоткриваат различните интереси на двете страни во конфликтот. 

Да се научиме објективно да читаме статии во весниците е исто толку тешко колку и да успееме да напишеме или да емитуваме објективен воен извештај.