Левица поднесе кривична пријава против спикерот Џафери заради систематско несвикување седници за пратенички прашања повеќе од една година

  • Соопштение на Политичката партија Левица

Правниот тим на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, бидејќи тој, своеволно, систематски и спротивно на Уставот, свесно ја кочи и ја оневозможува парламентарната контрола над извршната власт, со несвикување седници за пратенички прашања во континуитет, повеќе од една година.

Пријавениот се терети дека извршил стек на кривичните дела „Саботажа“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ бидејќи, како единствено надлежен за свикување и претседавање со собраниските седници, умислено не ги свикувал задолжителните пленарни седници за пратенички прашања, кои мора да се одржуваат секој последен четврток во месецот! Оваа уставна, законска и деловничка должност на пријавениот е императивна, т.е. облигаторна и не предвидува можност за нејзино легално заобиколување, односно законодавството не предвидува никакви исклучоци кои ќе дозволат дискреционо право на претседателот на Собранието на РМ да не ја извршува оваа своја јавна обврска.

Пријавениот Џафери, тоа бил должен и морал да го знае, поради што произлегува дека неговото преземено дејствие е целосно свесно и со зла намера да се загорози уставниот поредок, преку ефективно спречување на принципот на парламентарна контрола на законодавната врз извршната власт, кој директно произлегува од тријалистичката поделба на државната власт (законодавна, извршна и судска) – како темелната вредност на уставниот поредок.

Продолженото инкриминирано дејствие на пријавениот е прикриено и подмолно по својата структура, бидејќи вклучува свесно и неколкукратно неизвршување на конституциони, легислативни и деловнички обврски во целина и во континуитет, со цел тотална дисфункционалност, противправна суспензија и парализа на инструментите на парламентарната демократија.