„Скопје под лупа“ изложба на фотографии од Јована Савевска на фестивалот „Звукот на Скопје“

Покрај музичката програма, фестивалот Звукот на Скопје ќе биде збогатен и со „Скопје под лупа“ изложба на фотографии од Јована Савевска. Изложбата ке биде отворена во продажен салон Културно информартивен центар – Скопје, во19 часот.

„Случувањата изминативе три години, кризите од повеќе размери, за човекот создадоа нова реалност во четири ѕида. Поради тоа, во тој период почувствував потреба да се раздвижам, да создадам, да се фокусирам. Одлуката беше да се фокусирам на Скопје, односно на деталите во денешниот град кој претрпе свои кризи и големи промени во својата конфигурација.Темпото на живеење наскопјани, видикот и чувството за припадност во градот се променија. Па, така личното дисконектирање посакав да го поврзам со она на скопјани со Скопје. Фокусот на креативните аспекти на градот, вредностите, културното минато и современата скопска ситуација станаа целта на моето фотографирање. Но, и желбата да се потсетиме, да се доближиме до меморабилиите на градот. Фотографирани се дел од значајните архитектонски и скулпторски достигнувања, кои веќе ѕиркаат меѓу целиот урбан хаос и метеж. Фокусот е поставен преку поинаква перцепција, навидум испревртена, од една страна како мал експеримент, а од друга со цел да се истакне одбраниот објект. Објектот иако е јасно, чисто претставен, всушност лебди во замаглениот простор, целосно дисконектиран од контекстот. Целата серија на фотографии делува на документациска архива, каталошко презентирање, мапирање на култни точки. Направена во црно-бела техника како мала доза на сентименталност кон нашето Скопје. Фотографиите се изработени во периодот од крајот на 2020 година, до почетокот на 2022 година.“