Новите лични документи за четиричлено семејство сега ќе ве чинат 2740* денари повеќе од претходно

Почетокот на 2024 година е рокот во кој што треба да бидат заменети личните документи, бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Цените на репроматеријалите биле зголемени за 90 отсто, рече министерот, а зголемувањето на износот што граѓаните сега го плаќаат за да извадат нови лични документи, според него, не е големо.

Тој изјави: „Во однос на рокот значи следната година – 2024 година е рокот во кој треба да бидат заменети личните документи бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците. Во однос на зголемувањето на цените, ние објаснивме дека набавните цени за репроматеријалите се зголемени за 90 проценти и затоа направивме зголемување кое не е големо имајќи предвид дека утврдиме два вида на цени. Оние што ги менуваат пасошите на 5 години, значи лицата до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот имајќи предвид дека важењето на документот е 10 години цената е зголемена незначително“,

Владата во март годинава донесе одлука со која поскапеа услугите за вадење лични документи. Така, замена на лична карта чини 310 денари, наместо 190 денари претходно. Лицата над 27 години за замена на пасош сега плаќаат 2 000 денари во редовна процедура, наместо 1 500 денари, а за нова возачка дозвола се потребни 410 денари, наместо 280 денари .

*Ако земеме за пример четиричлено семејство, со 2 члена над 27 години, со двајца возачи, за оваа промена на личните документи ќе треба да се одвојат 2740 денари повеќе од претходно.