Крум Велков: Заев, вие сте одговорни за рудниците на смртта

ПА, ПОВЕЛЕТЕ, Г-ДИН ЗАЕВ

Отсега натаму, главната адреса кон која ќе се обраќам во врска со рудникот Иловица-Штука е премиерот Зоран Заев. Тој што поскоро да си го исполни ветувањето дадено пред целокупната јавност дека рудници нема да има. Тој да ги заштити не само активистите од компанијата која им се заканува со тужби, туку и сите граѓани од ова предаторско, лажливо, бескрупулозно зло кое му се навеа на струмичко и на Југоистокот. Не дека не сум го правел тоа и досега, но отсега ќе биде многу пофокусирано, поинтензивно и поразновидно. Истото го очекувам и од другите активисти.

Што се однесува до Еуромакс Рисорсис, тука нема што многу да се објаснува. Како резултат на нашиот отпор, тие се пред целосен колапс: не се способни да ги исплаќаат ратите за кредитот од ЕБРД, како што најавувавме одамна (значи не сме ширеле дезинформации и клевети) и пред неколку дена, веднаш по средбата на граѓаните со премиерот во Иловица (на 08.02.2019), кога определбата против рудникот беше практично стопроцентна, издадоа соопштение (на 12.02.2019) во кое обелоденуваат еден финасиски маневар, со цел да се одржат привремено на површина. Го продаваат контролниот пакет акции на озлогласената Трафигура за само 9 милиони долари. Без да свикаат акционерско собрание. Колку до вчера, менаџментот на Еуромакс тврдеше дека нивната компанија вреди 5 милијарди евра (sic!). Како тоа сега така, дечки менаџери? Сето тоа ќе мораат да го образложат на суд, т.е. да ги потврдат нашите тврдења дека се во условен банкрот, а тие самите да бидат разобличени за ширење дезинформации, невистини и клевети. Потоа и (контра)тужени за повеќе аспекти. Има многу, ама многу прашања кои ќе треба да ги одговорат на евентуалното судење.

Бидејќи некој им кажал (и ги излажал) дека токму сега нападот е најдобра одбрана, токму во тие денови по собирот во Иловица најверојатно паднала одлуката да се удри по активистите со тужби, што претставува бескрупулозен притисок врз слободата на говорот и врз активизмот во служба на заедницата. Ако не замолчат нас (а тоа ни со затвор нема да успеат), сметаат дека ќе нема кој да укажува на смртоносната опасност од рудникот, но гадно се излажале: свеста за опасноста е подигната на високо ниво за овие две години; ќе се појават нови облици на отпор, нови активисти, нови иницијативи, порадикални од нас. Народот е темелно информиран и сега е подготвен сам да се штити од рудникот. И многу ќеиф ми се прави од тоа.

Господин Заев, исполнете си ја должноста. Прво, ветувањето дека рудници нема да има; второ, заштитете ги активистите и граѓаните кои веќе две години јасно ви укажуваат дека не сакаат рудник и, трето, заштитете го целиот земјоделски Југоисток од економски колапс кој ќе се случи како резултат од работата на рудникот, по што ќе уследи последен бран иселување.

Нема да ја заборавам и опозицијата, о никако. ВМРО-ДПМНЕ под Мицкоски имаше можност да се искупи за катастрофалната глупост што неговиот претходник ја направи давајќи ја практично цела Источна Македонија под руднички концесии. Го повикувавме јавно да го направи тоа – ништо не презеде. Наместо тоа, неговите пратеници го напуштија Собранието кога се гласаше за измени во Законот за металични и минерални суровини кој е придонес во борбата за долгорочна заштита. Што значи тоа? Кој ви е виновен, драги изманипулирани вмровци? Јас ли, што треба да се судам со бескрупулозната компанија? Другите активисти? Затоа што две години не сме седнале, и плус тоа трпиме најодвратни клевети. Кој ви е виновен што ве изложија и изманипулираа и лани на референдумите и уште ве манипулираат. Партизацијата ве заслепи и изманипулира до степен да дејствувате против самите себе. Ова истото се однесува и за оние членови на СДСМ кои лани беа многу гласни против рудниците, а сега никаде ги нема. Апелирам да вршите постојан притисок во партиските тела.

Што се однесува за таткото на рудниците на смртта, Никола Груевски од Пешта, имам една дилема. Дали во овој период јавно да му поставам некои прашања, со извесни сознанија, за тоа кога и како е спакуван проектот „Половина Македонија смртоносна зона на рудници“, како дошло до тоа, кој иницирал итн., или да го почекам судењето. Ќе размислам.

Во меѓувреме очекуваме конечно решение на владата, час поскоро. Во Иловица се уверивте дека граѓаните немаат веќе трпение. Па, повелете, г-дин Заев.

Фејсбук статус на Крум Велков, активист против рудниците на смртта.