Левица: Шеќеринска вршела мобинг врз вработените во Министерството за одбрана
- Реакција на Политичката партија Левица.
До Левица се обратија вработени од Министерството за одбрана, кои биле жртви на мобинг од поранешната министерка Радмила Шеќеринска.
На овие вработени, иако се долгогодишни докажани кадри во одбраната, Шеќеринска континуирано им вршела мобинг, ги деградирала, не дозволила да напредуваат во кариерата, незаконски им давала решенија за прекоманда и работните задачи им биле сведени на минимум.
Офицерите се обратиле до сите надлежни институции но, сите, освен Комисијата за спречување на дискриминација, останале глуви на жалбите на овие лица. Комисијата за спречување на дискриминација, иако со пробивање на законскиот рок и со големо задоцнување, сепак по поднесените претставки, донела РЕШЕНИЕ со кое утврдила дека Радмила Шеќеринска вршела мобинг врз овие вработени.
Дека се работи за партиско диктирано самоволие на корумпираните структури на СДСМ, говори фактот што голготата на овие офицери продолжува и по смената на Шеќеринска, затоа што и актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, продолжува со вршење мобинг.
Ваквото малициозно самоволие, со кршење на законите заради партиски и лични хирови, е само дел од комплетната девалвација на македонската Армија, која Шеќеринска, како најистурен НАТО-пулен, доследно ја реализира низ годините.
Слабеењето на безбедносните сили, деградирање на нивниот морал, поткопувањето на безбедносната структура ја доведе Македонија во целосна потчинета состојба, со изгубен суверенитет и територијален интегритет – каде странски авиони го чуваат воздушниот простор, благодарение токму на Радмила Шеќеринска.