Левица: Работници, вие сте столбот на општеството

Во пресрет на 1-ви мај, #Левица како единствена Партија на трудот дава поддршка на утрешните протести организирани од синдикатите во Република Македонија.

Организираниот труд е искрата во модерното време во кое владее профитот како главен двигател на политичките текови кои создаваат богатсво за малкумина потиснувајќи го мнозинството. Оваа држава ја одбраниле и изградиле работниците, а ја ограбиле великопоседниците.

Левица има најопсежна и суштинска програма за трудовата политика – како ваша Партија, на широките работнички маси. Ни треба суштинска промена, не лажна козметика, и тоа:

– 6 часовно работно време;

– Укинување на договорите на определено време;

– Зголемување на минималната плата на 2/3 од утврдената синдикална потрошувачка кошница;

– Задолжителна исплата на платите до секој седми во тековниот месец;

– Задолжителна дупла дневница за работа за викенди и празници;

– Повторно учество на работниците во Управните одбори на претпријатиета;

– Проширување на дефиницијата за професии со бенифициран стаж за трудово интензивни професии;

– Здравствено осигурување и во случај на неисплатени плати и неплатени придонеси од страна на работодавците;

– Воведување на дополнително татковско отсуство, за новородено дете; и многу други мерки кои ќе го вратат вашето достоинство.

Работници, вие сте столбот на општеството и без вас не може ништо – пробудете се и зграпчете ја политичката моќ назад во свои раце!