Левица: Државниот завод за статистика врши упад во пописните резултати и ги менува нелегално

Откако е забележано дека се направени дополнителни промени на статистичките бројки од пописот кои првично беа презентирани од Државниот завод за статистика, од политичката партија Левица излегоа со реакција во која се наведува:

Директорот на Државниот завод за статистика изјави дека дополнувањето на базата на податоци од пописот на населението ќе се третира како „упад“. Упадот сепак се случи, и тоа од страна на самиот ДЗС и во официјалните резултати од пописот може да се забележат промени и дополнувања во табелата за религиската припадност со драстични разлики.

Понатаму, во нивната реакција се посочува:

Разликите се особено воочливи во колоната „Не е верник (атеист)“, каде во првичните резултати бројката на овие лица изнесуваше 355, а во новите нелегално изменети и дополнети резултати оваа бројка е зголемена на 8.764 лица! Покрај тоа, во табелата за религиска припадност можат да се забележат и други евидентни нелегални интервенции со кои се променуваат и други колони и вредности.

Сомневањата на мнозинството народ во веродостојноста на резултатите од пописот, сега добиваат и официјална поткрепеност, со конкретно преземени противправни/кривични дејствија од страна на службените лица во Државниот завод за статистика.

Законот за попис на населението предвидува КРИВИЧНА одговорност за слични вакви дејствија во членот 49 став 1 каде „се казнува лице што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација и тоа со со казна затвор од најмалку 3 години”. Дополнително, доколку ова кривично дело го стори учесник во Пописот или друго службено лице, ставот 2 од членот 49 предвидува казна затвор од најмалку 5 години за сторителот.

Ваквото брутално кршење на законите е само потврда на очигледниот фалсификат на пописот, за кој Апостол Симовски како главен извршител мора во иднина да понесе одговорност, иако сега ужива заштита од хибридниот режим.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов преку изјава на социјалните мрежи, јавно и бурно ја осуди ваквата „игра“ со една статистичка операција:

Криминалците од власта ги коригираат резултатите од пописот во од и си измислуваат бројки! Од првични 355 атеисти, сега станаа 8.764?! Има ли поголем доказ од ова за каков фалсификат се работи!? Каков е овој попис, по нарачка ли? Ова е невиден скандал! Оваа лакрдија веднаш да се поништи! Сите ќе одговарате!