АктуелноЛокално

(Видео) Ванковска: Државата цензурира, а научните институции се самоцензурираат

Поенти од трибината „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев“: Проф. д-р Билјана Ванковска.

На трибината одржана по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, која ја организираше Левичарскиот институт „Рацин“, свое обраќање имаше професорката Ванковска. Таа го критикуваше чествувањето на овој јубилеј од страна на државата, а отсуството на научен форум за актуелната политика која ја води Владата, особено делот на „поправање“ на историјата, го оцени како еден сериозен проблем.

Ние не добивме форум, вистински форум, вистинско место каде што научници со научен метод би зборувале за овој настан! – На извесен начин се чувствувам како да сме сите овде заговорници во некој субверзивен чин, дека правиме некоја герила настан, дека практично и влегуваме на ѓон во државата која се обидува да се самоцензурира. Односно, државата цензурира, а научните институции се самоцензурираат, потсвесно, да не се бранува. Сега било деликатно време, па сега тргнале односите на преговори со Бугарија, па нашиот премиер чие име не можам да го запомнам, е таму некаде, добива инструкции среде Брисел… – И сето ова остава еден горлив вкус!

Зборувајки за актуелните преговори помеѓу Македонија и Бугарија, професорката истакна дека историската комисија е под политички притисок, и дека овој притисок има сериозно влијание, кое е исклучително негативно на целиот процес.

Работата на мешовитата историска комисија не ги дава потребните резултати, политиката е длабоко навлезена каде што не и е местото и ова прашање почна да го разгледуваме првенствено од политички аспект, па потоа од научен и историски. Историјата не може никој да ја смени, Што ќе значи тоа од политички аспект, историчарите не сакаат да коментираат.

За потврда на оваа теза, Ванковска нагласи дека и по неколкудневни преговори на историските комисии, што се однесува до делото на Гоце Делчев договор нема.

Македонските и бугарските историчари по дводневните разговори во Скопје не постигнаа договор за ликот и делото на револуционерот Гоце Делчев. Но, најавија дека разговорите ќе продолжат на уште 5 што се закажани за следната година.

Професорката исто така имаше критички однос кон тоа што главното чествување на јубилејот беше на гробот на Гоце Делчев. Според неа, чествувањето на раѓањето на револуционерот на неговиот гроб е погрешно и смета дека целата манифестација организирана од државата треба да биде во насока на славење на неговото дело.

И ова е еден горчлив вкус! – И ова што го спомна колегата дека навистина ние, барем мислам повеќето што сме вечерва во оваа сала го имаме тоа време, ова е моментот во кој ние можеме да се заблагодариме за постоењето на Гоце и да го славиме животот. Она што мене ми пречи, е вклучително и онаа иконографија со поклонување цвеќиња на гробот. Јас мислам дека и во тој дел промашивме, и дека треба и во овие верувам манифестации што ќе следуваат, треба да зборуваме за неговиот живот како инспирација, како нешто што извира можеби патоказот за дејствување, бидејки сме доведени не до колена, туку ние сме смачкано племе.