Реакција на најавениот нов закон за пасишта од министерот за земјоделие, Николовски

Реакција на Левица – Земјоделски сектор.

Деновиве староновиот министер за земјоделство Љупчо Николовски активно промовира по медиумите донесување на нов закон за пасишта бидејќи постоечкиот е стар и е во функција од 1998 година.

Имено, да го потсетиме министерот Николовски дека нов предлог на Закон за пасишта беше изработен во текот на минатото лето од неговиот претходник, министерот Хоџа, закон кој не се најде пред пратениците за гласање.

Ние, од партијата Левица, детално го проучивме претходно предложениот нов закон за пасишта од министерот Хоџа, и укажавме дека во законот има недоследности, скриени членови со кои истиот се усогласува со предложениот Закон за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост.

Во текстот на законот имаше членови каде што се овозможуваше продажба на државните пасишта, како и давање на површини под концесии без законски ограничен лимит, при што еден концесионер би имал можност да поседува илјадници хектари пасишта, како и наплаќање на пашарина за пчелни семејства, за која имаше остра реакција од пчеларите.

Затоа ние го предупредуваме министерот Николовски дека будно ќе ја следиме изработката на неговиот нов закон за пасишта, дека во никој случај нема да дозволиме законска можност за оттуѓување на државните пасишта, за кое ние претходно како партија се имаме изјаснето дека државното земјоделско земјиште е природен ресурс од општо добро и не подлежи на оттуѓување, дека нема да дозволиме газди – концесионери да станат лица кои не се занимаваат со сточарство, односно феудалците кои со закуп на големи површини сакат да издејствуваат идна рента од вистинските сточари.

Левица е за донесување на долгорочна стратегија за развој на сточарството во Република Македонија, за омасовување на стоката на испаша низ нашите прекрасни планини, за заштита на домашното производство на млеко и млечни производи од нелојалната конкуренција од увоз, за контролиран увоз на млеко во прав. Ние сме да се слушнат потребите на вистинските сточари кои живеат од одгледување на стоката и заедно со нив донесеме решенија за подобри услови за работа и живот.