Апасиев: Системот е гнил но може да се ресетира, само е потребно прав човек на право место
Во интервјуто на Инстаграм поткастот на др. Горан Трајковски, Димитар Апасиев зборуваше за актуелната политичка состојба во државата, борбата на Левица со политичките противници како и за односот на партијата кон етничките заедници. Во прилог ви пренесуваме дел од интервјуто.
– Кои се идеите на Левица, кој пат би го одбрале за Република Македонија, дали тоа би било ЕУ, Кина или Америка?
„Треба да се игра прагматично, никогаш не треба да се игра на една карта (тоа што во моментот го прави оваа Влада). Треба да се игра со трите големи сили, САД, Кина и Русија! Треба да се гради стратешко партнерство со сите големи сили. Како пример може да ја одвоиме Германија која моментално соработува со Русија за природен гас, ние го одбивме гасот кој требаше да доаѓа од Русија за да се покажеме пред НАТО! – Ова се големи сили со кои треба да негуваме добри односи со сите од нив, тоа е и те како можно, само потребна ни е добра дипломатија која во моментов ја немаме.“
– Дали е можна промена во македонското општество, дали има надеж?
„Системот е гнил, но тој може да се ресетира, само е потребно прав човек на право место. Историски гледано приликите не се така лоши. На пример Гоце Делчев, комитите, партизаните немале држава, но имале идеали по кои се воделе и ја создале. Ние за разлика од нив колку толку имаме држава, само треба радикални реформи. Надежта сигурно дека постои, првенствено ја гледам преку политичка борба, преку Левица, а во иднина може и ќе се појават и други партии, а особено ценам доколку се појават левичарски албански партии или пак да се придружат кон некое такво движење кое ќе се ослободи од национал-шовинизмот и од тие сонови за големи држави и слично.“
– Кои се вашите прогнози за наредните 10 години?
„Потребни се радикални реформи, тоа се вкупно 20 сектори на севкупното општество на живеење. Се почнува со образование и здравство како основни и базични столбови на државата. Потребна е само добра волја, добра визија и стратегија за прогрес на едно општество.
Македонскиот народ не може да си дозволи уште едно разочарување на политичката сцена, товарот кој го носи Левица е огромен и ние ја сфаќаме нашата одговорност. Левица носи едно многу тешко историско време на себе, ние не смееме тоа да го прокоцкаме. Ние ја чувствуваме потребата на населението дека е нужна промена.“
– Апел до младите?
„Младите да не се разочаруваат! – Левица во својата програма има ставено бесплатно школство, тоа значи дека образованието од градинска до докторат мора да биде бесплатно. Малите економии не смеат да си го дозволат луксузот младите дека да не бидат школувани. Воншколските активности мора да се прошират и да бидат бесплатни, бидејќи сиромашните немаат доволно пари за дополнителни курсеви и кога ќе дојдат на пазар на труд автоматски се во инфериорна позиција и тоа државата мора да го подеднакви.
Инвестиции во образование и здравство, а не во оружја, НАТО и слично! – Бидејќи тоа е иднината и тоа се столбовите на државата. Младите мора да се активираат, не мора да е Левица, направете си ваши партии, организации, движења, но не паѓајте во очај бидејќи тоа го посакуваат оние коишто владеат моментално.“