Се распаѓа бањата „Кежовица“ во Штип

  • Реакција на Левица – ЛО Штип

Поради неспособните локални и здравствени менаџери, одделот за физикална терапија во Бања „Кежовица“ e со санитарно-технички недостатоци, нехигиена, со мирис на мувла, изгниено дрво и р`ѓа. Во овие околности се нуди физикална терапија и рехабилитација за жителите од источниот регион на Македонија, со што се принудени лекувањето да им се одвива во руиниран здравствен објект кој наликува на болница од Втората светска војна, при што може да се загрози здравјето на граѓаните.

Физикалната терапија во штипската бања е наменета да им служи на 200.000 жители за превентивно ублажување на болести и лекување на спортски повреди, хронични невролошки и ревматoлошки заболувања и многу други состојби во кои секое движење е нов предизвик.

Имено, оваа бања, во времето кога беше Никола Тодоров министер за здравство, две третини од болницата беа доделени да ги менаџира Универзитетот „Гоце Делчев“, а една третина на Министерството за здравство. Универзитетот требаше да ја реконструира зградата и практичната настава за студентите физиотерапевти да се одвива во тој центар. Функцијата на оваа бања требаше да биде наставна и апликативна во многу подобрени услови.

Во 2019 година, со одлука на Владата на Република Македонија, бањата е вратена на Клиничка болница – Штип. Иако од тогаш поминаа четири години, во надалеку прочуената Кежовица, ниту едена шајка не е закована. Напротив, состојбата е полоша од онаа во 2019 година. Овој објект е уште еден доказ колкава е незаинтересираноста на властите од СДС и ДУИ за медицинските капацитети.

Овие лековити термални води биле употребувани уште во седумнаесеттиот век, во време на турското владеење во Македонија и тоа исклучиво за здравствени цели, каде што при систематска употреба ефектите се потрајни, отколку по употреба на лекови, а во исто време немa несакани ефекти.

Здравствениот сектор на Политичката партија Левица ќе се бори центрите за физикалната терапија и рехабилитација низ целата територија на Република Македонија да бидат опремени со нова софистицирана опрема која ги задоволува европските стандарди. Кога пристапот до квалитетна здравствена услуга станува луксуз не може да се говори за демократија и човекови правa туку за брутална диктатура на приватниот капитал.