Ванковска во одговор на Горан Михајловски: наместо да жалиш за неверсвото на љубовницата (ЕУ) погледни што и се случува на сопругата/мајката (Македонија)

Професорката Билјана Ванковска, на својот ФБ профил го коментираше текстот на Горан Михајловски од „Сакам да кажам“, во кој тој глумеќи разочараност од ЕУ сепак ја напаѓа опозицијата. Ништо ново од негова страна како владин новинар кој сервилноста кон Власта се обидува да ја прикрие во амбалажа на учтивост и објективност. Имено, токму сопругата на Горан Михајловски беше една од тие кои добија скандалозни грантови од Фондот за иновации. Имено, Искра Јовановска – Михајловска, сопруга на новинарот и сопственик на порталот “Сакам да кажам” – Горан Михајловски, со својата компанија “Веда” ДОО Скопје доби грант во вредност од над 220.000 евра.

Подолу, во целост ви го пренесуваме постот на професорката Ванковска во кој се осврнува на текстот на Горан Михајловски:

Го читам Горан Михајловски и морам да се смеам на глас (а некогаш го сметав за глас на разум) – лут на ЕУ ѝ порачува:

„Што постигнавте помагајќи ѝ на Бугарија да ви ги смени правилата за приклучување кон ЕУ? Уште пошироко ѝ ја отворивте вратата на Русија зајакнувајќи ја Левица. Уште повеќе го зајакнавте националистичкото крило на ВМРО-ДПМНЕ. Ја дестабилизиравте ионака кревката владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Ги оживеавте силите што сакаат меѓуетнички конфликт. И длабоко ги разочаравте граѓанско-либералните кругови што искрено ви веруваа дека сè што ќе каже ЕУ, сè е ОК

…. Па како да не се лутиш? Како да не си гневен, кога самата ЕУ успеа не само да ги засили аргументите на евроскептиците, туку и кај најзападно ориентираните Македонци да предизвика антизападно расположение?“

Наместо да чукнат глава какви испрани мозоци биле ако навистина верувале дека „сè што ќе каже ЕУ, сè е ОК“, тој ламентира за Левица и за ВМРО-ДПМНЕ (првите повеќе го болат, се разбира)!!! Има уплав од Русија, разбира се. И гневен бил што растел евроскептицизмот, затоа што без еврољубие не можат да живеат – љубовта кон МК е назадна и неевропска, а можеби и проруска. Тој повеќе жали за тоа што го изневерила љубовницата (ЕУ) отколку што гледа што ѝ се случи на сопругата/мајката (Македонија).

Е ваквите гневни успеваат се’ уште да ме насмеат, иако сум гневна што ваквите не’ дотуркаа тука каде што сме. Аман, не плачи, не жали. Не ти личи.