30 години подоцна, 63% од Русите жалат за распадот на Советскиот Сојуз

Триесет години од победата на контрареволуцијата и соборувањето на социјализмот во Советскиот Сојуз, наводниот „рај“ што капитализмот требаше да го донесе во Русија не се покажа ништо повеќе од измама.

Длабоко анти-работничките политики на буржоаските влади, од Борис Елцин до сегашната администрација на Владимир Путин, наведуваат сè повеќе Руси да размислуваат што изгубиле по распадот на Советскиот Сојуз. Огромните општествени достигнувања беа укинати, богатите станаа побогати, а сиромашните посиромашни, додека приходите за работничките семејства се намалуваат од година во година. Капитализмот го покажа своето вистинско, одбивно, варварско лице на работниот народ во Русија.

Денес, три децении по настаните од 1991 година, особено голем број на Руси се чини дека жалат за распадот на Советскиот Сојуз. Поконкретно, двајца од тројца Руси (63%) жалат за падот на Советскиот Сојуз, што е едно од највисоките нивоа во последната деценија, според новата анкета спроведена од независниот анкетар Левада Центар.

Претходно, во 2017 година, сè уште достојни 58% од Русите жалеа за падот на СССР, а во претходната деценија тој број не падна под 61%. Највисокото ниво што било забележано било во 2000 година кога три четвртини од Русите (75%) изјавиле дека распадот на Советскиот Сојуз е негативен развој на настаните.

Според истражување спроведено помеѓу 19-ти и 26-ти август 2021 година, половина од Русите (49%) би го избрале советскиот политички систем, а само 18% му даваат предност на актуелниот политички систем заснован на капитализмот.

Највисоко ниво на носталгија за СССР е забележано во возрасната група од 55 години и постари, тоа е кај луѓето кои сè уште имаат доволно сеќавања од советската ера и можат да го споредат минатото со сегашноста; 84% жалат за распадот на Советскиот Сојуз.

Главните причини што испитаниците ги користеле за да го опишат своето жалење за распадот на СССР се „уништувањето на советскиот економски систем“, „губењето на чувството кај луѓето дека припаѓаат на голема сила“ и „растот на меѓусебната недоверба и горчина“.