Крмов: Во време на енергетска криза Владата крати на гасификација за 63%, а троши на мебел и луксузирање
На собраниската расправа за Буџетот, пратеникот од Левица Борислав Крмов, во своето обраќање осврна посебно внимание на непродуктивните трошоци кои ги прави Владата, додека истовремено скратува на ставките за социјална заштита и капитални инвестиции во енергетиката за време на енергетска криза.
Продолжувате со непродуктивните трошоци. Во сите министерства ставките за: мебел, автомобили, едукација, разно разни опреми, услуги и т.н. се качени. Додека, кратите во средствата за заштита на вода и воздух, средствата за изградба на социјални станови, дури и планирате да ги продавата тие социјални станови. Кратите во гасификација, внимавајте, во среде енергетска криза, наредната година ќе имаме 63% помалку средства за гасификација. Болницата во Кичево се гради со децении и сега ќе имаме 20% помалку средства за неа и за крај социјалните надоместоци се кратат за 10% , тоа е 150 милиони евра помалку.
Додека, за НАТО имаме околу 8-9% зголемување, коешто е 156 милиони евра повеќе, значи ние што планираме зимава? Нато ли ќе не грее нас? НАТО ли ќе не храни? – Се наоѓаме среде енергетска криза и по сите проценки, не очекува покачување на струјата меѓу 10% и 12%. Колку вбризгавте во енергетиката? – 300 милиони евра за да обезбедиме струја, по некои проценки тоа ќе не чини негде пола милијарда евра.
Капитални инвестиции во овој сектор нема. Еве да земеме за илустрација, во „мрачниот Социјализам„ во периодот од ‘70 до ’90 година, за 20 години период имаме инвестиции во енергетскиот сектор кои изградиле капацитети до 1700 мегавати, додека од ‘90 до 2020, за период од 30 години во „светлиот капитализам“ имаме изградено капацитети од 160 мегавати. Ние имаме помалку од 10 пати изградено капацитети од кога сме самостојни.
Пратеникот од редовите на Левица, исто така ја критикуваше одлуката на Владата, согласно која, во соларни панели ќе инвестира странска компанија и ќе произведува струја во Македонија. Додека истовремено произведената струја може да ја продава надвор од државата. Користејќи наш енергенс, компанијата нема никаква обврска кон државата и може да го остави македонскиот народ без никаков бенифит од оваа енергетска инвестиција.
Соларниот парк „Стипион“, којшто ќе се простира на 452 хектари, француска инвестиција од 270 милиони евра, која ќе има капацитет од 360 до 400 мегавати. Оваа инвестиција требаше да се најде во овој буџет, и мораше да биде државна. Не е дека ние можеме секаде, на секое место да градиме соларни паркови. Тие места се ограничени. Кој ќар ќе го имаат од ова граѓаните? – Никаков! Од ова ќе има приватниот инвеститор ќар, затоа што ако утре него не му се допаѓаат цените тука нема да ни ја продава струјата нам, ќе си ја извезе на слободен пазар, и баш му е гајле. Додека ние една од териториите со највеќе сончеви денови ги даваме. Ова мораше да биде во буџетот и мораше да биде државна инвестиција.
Во последниот дел од обраќањето на пратеникот, поврзано со енергетиката, тој ја истакна неможноста државата да ги користи овие приватни инвестиции во енергетиката за добробит на граѓаните. Исто така ја, критикуваше одлуката за откажување од „рускиот гас“ во духот на европските интеграции, која влијае исклучително негативно врз македонската индустрија и економија.
Пример ви е гасната централа Тетово, еве сега да беше државна, можевме да ја вклучиме во целата криза, како што го вклучивме ТЕЦ Неготино и под такви цени да произведуваме струја, Меѓутоа и тоа пропадна, Затоа што ние како поголеми евро-атлантисти од евро-атлантистите се исклучивме од рускиот гас и со тоа фактички имаме проблем. Еве соседна Србија отвара поглавја со ЕУ и паралелно соработува и со Русија и со Кина и обезбедува евтини енергенси за својата држава. Нешто што ние сме кусогледи и никако да го направиме.