АктуелноЛокалноСатира

Кутриот Реџепи бил излажан од сопругата

По одлуката донесена минатата недела, од човекот како што вели Груби, „чие срце е во Вашингтон и Брисел“, да не се појави на седницата за интерпелација, многумина помислија дека Кастриот Реџепи е спасителот на Владата на СДС и НАТО перспективата, но дали навистина тоа е така?

Во интервјуто објавено во неделата, од најдобриот аналитички јутуб поткаст, на Кастриот Реџпи му беше поставено прашањето: Кој ви се јавува да ви каже дека Македонија ќе добие датум за преговори на 14 декември? – Кастриот недвосмислено и кристално јасно одговори:

„Една,една од информациите за колку е ангажирањето сериозно, еден ден и сопругата ми вели, таа и го слушна претседателот Макрон за неговите изјави. Вие знаете дека он дал инструкции во сите амбасади во Брисел и во другите земји, да се работи максимално, за да се добие датумот да се надмине проблемот со Бугарија.“

По оваа изјава стана јасно оти позитивниот сигнал дека Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ, Кастриот Реџепи го добил од сопругата!

Но, за волја на вистината, на вчерашната средба во Советот за општи работи, претставникот на Бугарија во ЕУ, Румен Александров најави ново вето за Македонија. Ваквата постапка на бугарската страна отвори нови прашања вредни да се истражат и продискутираат во круговите на новинарската елита:

Дали срцето на Кастриот е во Вашингтон и во Брисел или можеби таму е срцето на неговата сопруга?
Дали Макрон испрати лажен сигнал до сопругата на Реџепи?
Дали сопругата го излажа кутриот Реџепи?
Дали Макрон е виновен за тоа што сопругата го излажа Реџепи?
Дали партиите ги купуваат пратениците од нивните сопруги?
Или пак можеби сопругата го киднапирала Реџепи?
И најважното: Kој ја спаси владата на СДСМ? Макрон, сопругата или Реџепи?

Се надеваме дека одговор на овие прашања наскоро ќе добиеме од круговите на елитното новинарство чиј коректор и доловувач на вистината сигурно ќе биде најдобриот аналитички јутуб поткаст. Но, додека да ги добиеме одговорите мораме да бидеме трпеливи, затоа што трпеливоста е карактеристика на слабите.