Јанков до Арсовска: Закон за заштита на Водно ќе има, со вас или без вас

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска во својата кампања најави Закон за заштита на Водно.

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Левица, Андреа Јанков кој патем е основач и претседател на здружението на граѓани „Го Сакам Водно“, еко-активист кој години наназад се залага за зачувување на природата, а особено на парк-шума Водно и носење на закон за негова заштита во форма на lex specialis, реагираше жестоко на изјавата на Данела.

Тој смета дека е лицемерно кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ да зборува за заштита на Водно, затоа што најголемото уништување на водно започна токму во текот на нивното владеење, а оваа пракса ја продолжија СДСМ и Шилегов по промената на власта.

Јанков вели дека здружението „Го сакам водно“ е формирано токму поради аздисувањето на ВМРО-ДПМНЕ, нивното дозволување за појава на дивоградби и продавање парцели на олигарсите. Во својата реакција тој напиша:

Пази богати, ќе го заштитува Водно со закон и се повикува на минат труд на граѓани кој благе везе немаат со неа, и кои го штитеа Водно од проект токму на партијата која ја кандидира!? Па добро бе Данела, зарем толку се изгуби во улогата да глумиш независна, па лажеш и сама себе си веруваш, стварно комплетно не си запознаена со ситуацијата или мислиш дека граѓаните имаат меморија на златна рипка па тебе те чекаат ко месија? Закон за Водно ќе има, со вас или без вас, со Шилегов или без него. Тој процес е мачен токму поради луѓе како вас и сегашниот градоначалник, но бидете сигурни дека закон и истрага ќе има, но после нека му ја мислата тие кои посегнаа по Водно и здравјето на граѓаните!