Чија е одговорноста за автобуските несреќи во кои над 60 луѓе ги загубија животите

Вчера, на автопатот „Струма“ во соседна Бугарија, се случи најголемата сообраќајна несреќа во историјата на Македонија, во која 46 наши сограѓани ги загубија животите. Последната ваква голема несреќа ни се случи пред околу 2 години, кај „Ласкарци“ во февруари 2019-тата, тогаш животот го загубија 16 лица.

Застрашувачки е фактот дека компанијата „Дурмо турс“ чии автобуси без да бидат технички исправни, што е главна причина за несреќата, сѐ уште непрекинато работи, без никакви пречки. Причината за ова е во тоа што постапката која се води, не е против правното лице, односно компанијата, туку обвинет е нејзиниот сопственик.

За ваквата ситуација, пропустот се лоцира во нашиот Кривичен законик, кој во делот за „Сообраќајни деликти“ нема предвидено одговорност за правни лица. Согласно ваквата логика, како што немаше одговорност кај компанијата „Дурмо турс“ по несреќата во 2019-та, така, доколку биде констатирана техничката неисправност на автобусот, одговорност нема да се бара ниту од компанијата „Беса транс“. За првиот случај, уште позагрижувачки е фактот дека во сопствената станица за технички преглед, „Дурмо турс“ сам си вршел технички прегледи на автобусите.

Што се однесува до судскиот процес за несреќата кај „Ласкарци“, кој го води судијката Дијана Груевска, досега се одржани над 100 судски рочишта. Се случувало да се одржат и по 4 рочишта месечно, но случајот останува заглавен во процедуралните лавиринти и не може да се одглави.

Членовите на семејствата на жртвите од несреќата се сомневаат во пристрасност на судот кон дел од обвинетите, особено кон оние кои се блиски до владејачката ДУИ.