Ново бугарско вето на повидок

Бугарскиот став за отпочнување на преговорите со Македонија во советот на Европската Унија останува непроменет. Ова го објави бугарското Министерство за Надворешни работи на состанокот на Советот за општи работи одржан вчера во Брисел.

Според дипломатски извори, бугарската страна планирала да заземе остар став на вчерашната седница на Советот, но тоа не се случило единствено поради трагедијата што се случи вчера на автопатот Струма.

Румен Александров, кој е постојан претставник на Бугарија во ЕУ, најпрвин изразил сочувство за несреќата која се случи вчера, но истакнал дека Македонија не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Според него Македонија треба да се заложи конкретни обврзувачки обврски, некои и смета дека некои од нив треба да бидат исполнети на краток рок, а останатите да бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Румен исто така потенцирал дека Бугарија во последните месеци предложила голем број опции за надминување на отворените прашања како гаранции за правата на луѓето со бугарска самосвест.

За тоа дека на вчерашниот состанок било оддадено посебно внимание на македонско-бугарскиот спор, потврди и Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Гашпер Довжан.

„Ме радува што има општа поддршка за целиот процес, но сѐ уште има билатерални прашања, посебно истакнати од страна на Бугарија. Но се надевам дека до крајот на нашето претседавање со ЕУ ќе успееме да ги решиме проблемите, овој процес мора да биде позитивен“, изјави Довжан за дописничката на МИА од Брисел.