Ристески: Министерството за локална самоуправа не може да врши инспекциски надзор на свечените заклетви
„Во врска со вчерашните закани од Владата дека Министерството за локална самоуправа ќе спроведе инспекциски надзор во општините каде заклетвите на новите советници се потпишани со содржина во која е содржано името Македонија, би сакал да го истакнам следното:
1.Министерството за локална самоуправа не може да врши инспекциски надзор, бидејќи инспекцискиот надзор е уреден со Законот за инспекциски надзор и како редовен или вонреден, го вршат инспекциските служби предвидени со овој закон;
2.Во Законот за локалната самоуправа е предвиден надзор од страна на Министерството за локална самоуправа, но само како надзор врз законитоста на прописите донесени од општината. Заклетвата дадена од советниците не претставува акт донесен од општината, туку еднострана изјава зад чија форма и содржина, пропишани со закон, стои со свој потпис советникот.
Тоа значи дека Министерството за локална самоуправа не може да врши надзор над истата, односно нема надлежност.
Дополнително, името на државата беше противуставно променето и спротивно на изразената волја на граѓаните. Сите понатамошни дејствија кои беа преземени со цел насилна промена на Уставот и законите се нелегитимни, бидејќи неправо не може да продуцира право, а со тоа формално право останува во сила референдумската одлука од 1991 година, согласно која името на државата е Република Македонија.”
Пишува: Новица Ристески – координатор на Правен сектор на Левица.