Победа
Помеѓу „воопшто да не се обидеш„ и поразот, лежи огромна разлика и огромна победа, победа над самиот себе.
Секоја победа е храброст. Секоја храброст е победа над стравот. Од понизен плен, храброста те претвора во пеколен тркач, маратонец… и трката на храбрите започнува. Им симнувам капа на храбрите. И онака не е храброст кога се е на твоја страна, туку кога е се против тебе. Кога било што е на твоја страна, тоа е извесност, а тука храброст нема – можеби само рутина. Голема храброст лежи во оние кои знаат да се борат, особено ако се онеправдани, слаби, инфериорни, секогаш плен, а никогаш предатор.
Тешко се живее во дувлото и саваната во која опстојуваат само гоничите, ѕверовите, предаторите. Секој ден ти е борба, трчање, спиење во страв и неизвесност полна со ужасни крици, очај и лелек. Секое утро во Африка се буди антилопа. Таа мора да трча побрзо од лавот, инаку ќе умре. Секое утро во Африка се буди и лавот. Тој мора да трча побрзо од антилопата, инаку ќе умре од глад. Не е важно дали си антилопа или лав… штом сонцето изгрее, мораш да трчаш. Така е и во мојот Велес, трчам секој ден за да преживеам. Запенавен, се тркам со лавови , хиени, којоти, крвопијци. Ја намирисале ѕверовите крвта, па демнат од сите страни.
Ќе најдам некоја сенка, некоја оаза, па ќе здивнам до следното гонење. До следната борба. И еве ме, сè уште трчам. Како „будалетинката„ Форест Гамп кој се прослави трчајќи бесцелно. И одеднаш сопре, се сврте, и започна да се бори против оние од кои бегаше. Тоа е идеал. Кога ќе го престанеш да се гледаш себе си како плен. Кога ќе престанеш да трчаш, кога ќе им погледнеш во очи на своите предатори и душевадници.
Секогаш кога се бориш за идеал, кога се трудиш да ја подобриш судбината на другите или се бориш против неправдата – не можеш да го промениш светот, но барем праќаш мал зрак надеж. Таквите луѓе ја бришат од душата прашината што ја носи секојдневната неправда. Такви секојденвно гледам во Левица, тркачи, маратонци, идеалисти, скромни, праведни, борци, „будалетинки“ опседнати со трчање по правдата, и како „ѕвериња“ секојдневно гонети од запенавите алчни мастодонти.
Секојдневно трчаат и се борат против ветерници продуцирани од ужасниот, празен, фрактуриран, заболен , корумпиран и алчен систем. Тоа е трката на храбрите. А секоја храброст е победа. Секоја победа е храброст. Помеѓу „воопшто да не се обидеш“ и поразот, лежи огромна разлика и огромна победа, победа над самиот себе. И Победа над ова дувло на крвопијци и паразити.
- Став на Игор Смилев активист во Еколошката групација „Green Power“ и Движењето за социјална правда „Ленка“.