Анамнеза на економијата при колективна амнезија!

Став на Реџеп Исмаил (Хактан), член на Президиумот на Левица.


Доста подмукло е да се штити својата класна позиција преку искористување на несподобноста на Владата да обезбеди услови за опстанок на статус квото. А токму тоа го прави, (чинам) докторот Лазаревиќ во ова свое излагање: „Збогување со короната, гушкање со сиромаштијата”. Имено, Лазаревиќ предупредува дека „Короната ќе помине, (НО) светот и Македонија ќе останат да живеат со економските последици кои ќе бидат далеку позастрашувачки од здравствените проблеми“.

Видете докторе, кога сме кај здравствените последици, дури и кај индивидуи, тие имаат материјални причинители – оттаму и потребата од анамнеза за воспоставување што поточна дијагноза, нели. А пак кога се однесува до здравјето како општа состојба, односно здравствените последици во рамки на целата нација/народ, тогаш тоа неизбежно се сведува на политички (економски, во овој случај) причинители за состојбата. Па третирањето на ваквата дијагноза (утврдената здравствена состојба) неминовно е во рацете на политиката. Во спротивно, каква е смислата од постоењето на државата, зарем само да ја штити сопственоста!?

Понатаму, вашата дијагноза на финансиската состојба на граѓанството е сосема погрешна токму поради неговата амнезија. Вие докторе имате погрешни, односно нерепрезентативни, податоци од анамнезата, па оттаму сметате дека: токму сега и токму поради корона кризата „народот е доведен под финансиска неизвеснот и невиден стрес“! Не, апсолутно не!

Финансиската неизвесност и економското робство е наша реалност уште од транзицијата, а стресот природна последица на таа реалност. И за да ја рушам вашата идеолошка логика во одбрана на класната раслоеност (да се спасат успешните фирми), би да ве потсетам дека токму тој (овој) капитал е акумулиран во криминалната транзиција, преку приватизација на една гарнитура и покасно РЕ-приватизација на другата. И сега ние наместо да го поделиме капиталот (па од неговите придобивки да се сладат сите), ние треба да го спасиме за и понатаму да не’ држат во наемно робство, и тоа за плата која не стига ни за животарење не пак за живеење, а уште помалку за заштеда која би дала сигурност и помалку стрес, а и повеќе слобода во иднина.

Секако, да не бидам погрешно разбран, апсолутно не ги бранам владините мерки. Напротив, сметам дека тие се само манифестација на стравот од тоа да не случајно излезе на ачик голото вистинско лице на нашиот ОДАМНА колабиран јавен здравствен систем. Ама, да, од каде вие ќе го знаете тоа, никогаш сте немале потреба од него, имате алтернатива во понудата на тие услуги на „слободниот пазар“.

Да сумираме, неуспехот (или глупост, апсурдноста, во случај со нашата земја) на мерките превземени од Владата во обидот да се справи со епидемиолошкава криза, НЕ се резултат на нејзиниот „апсолутистичкиот и тоталитаристичкиот пристап“, туку, тоа е резултат на немањето капацитети на јавното здравство, а и на целокупната државата како административен апарат. А немањето капацитети пак е резултат на слободниот пазар, особено негова примена во периферни земји на глобалниот капитализам. Оттаму, вашиот став искажан во овој текст може да се сумира како обид да се оттргне државата од одговорноста за јавното здравје. Тоа докторе нема смисла, тоа ја руши секоја претпоставка за имање апарат држава – ете токму тогаш државата е само алатка за репресија, кога ќе ја отфрли грижата за јавното здравје. Затоа, да, повеќе од коа било, потребно е да се одземе имотот на богатите.

И секако дека потполно ја сфаќам вашата загриженост и сомнеж кон тоа моменталната гарнитура на власт да ја спроведе таквата национализација, затоа што тоа ќе биде уште една елитистичка пресметка!