Разлики во однос на досегашната политичка понуда од изминатите 30 години

„Не знам за вас, но јас овде гледам многу разлики во однос на досегашната политичка понуда од изминатите 30 години. Разлика во вредности, разлики во возрасти, во степен на образование, манир и порака. Гледам родови и етнички различности, чија функција не е да пополнат некоја квота, туку се природен исход кога во една мултиетничка земја вистинските луѓе ќе дојдат на вистинските места. За прв пат гледам како им се дава шанса на луѓе кои се економски маргинализирани самите да се борат за интересите на социјалниот слој на кому му припаѓаат, наместо тоа да го очекуваме од политичките криминогени елити кои наизменично еден по друг се изнаредија и ја раскрчмија државата.

Не мора дури ни идеолошки да се сложувате со Левица, за да знаете дека гласот на локални избори за едни вакви млади, искрени, борбени, и принципиелни дечки нема да биде залудно фрлен глас. Напротив, глас за Левица на овие избори има многу повеќе тежина од глас за СДСМ или ВМРО, затоа што Левица и само со два-тројца советника може битно да го поремети политичкиот калкулус во советите: Кога има само две партии, тогаш неизбежно е една партија да има апсолутно мнозинство, со кое може да прават буквално што сакаат. Но кога е потребна дво-партиска коалиција за мнозинство, тогаш се мора да биде испитано, проверено и одобрено од двете страни и коруптивните шеми нема да поминуваат така лесно. Втората страна има улога на надзорник и опозорувач на јавноста.

Двајцата пратеници на Левица го покажаа тоа на дело во Собранието и сосема ја оправдаа довербата која нивните гласачи им ја дадоа (само 27 од 1.200 анкетирани рекле дека не се задоволни од нивната работа, или 2.2%). Затоа верувам дека и кандидатите во кои лидерството има доверба исто така ќе ја оправдаат довербата доколку гласате за нив. Или не знам, еве, гласајте си за кампањи и кандидати по истиот шаблон како и до сега додека не умрете, пошто нели супер ни оди.“

  • Фејсбук статус на Горан Лазаревски