АктуелноИнтернационално

Путин победник, Комунистичката партија на Русија најголема опозициска сила

Изборите за народни претставници во Државната дума на Руската Федерација официјално завршија на 19 септември, соопшти Ела Памфилова, претседател на Централната изборна комисија на Русија.

За разлика од сите претходни избори, во седум региони на Русија, заедно со традиционалното, се одржа и електронско гласање. Станува збор за региони кои беа сериозно погодени од КОВИД пандемијата, властите се одлучија на ваков чекор со цел да го заштитат здравјето на граѓаните. Меѓу овие региони беше и московскиот.

На изборите учествуваа 14 политички партии. Согласно податоците на Централната Изборна Комисија, досега се обработени над 95% од гласовите, само 5 партии ја преминаа бариерата од пет проценти за влез во собранието, а партијата Обединета Русија (Единая Россия) на Владимир Путин е апсолутен победник.

Според досегашните резултати, партии кои обезбедија места во Државната дума се: Обединета Русија – 49,65%, Комунистичката партија на Руската Федерација – 19,57%, ЛДПР – 7,51 %, Праведна Русија – 7,38%, Нови луѓе – 5,33%.

Победата на владејачката партија Обединета Русија беше очекувана. Но, многумина не очекуваа дека Комунистичката партија на Русија после овие избори ќе биде најголема опозициска партија. Уште поинтересен е фактот дека Социјалистичката партија – Праведна Русија освои над 7% од гласовите и ќе претставува сериозен фактор во Државната дума на Руската Федерација.

Кандидатите кои настапуваа самостојно освоија вкупно 3 мандати.