Новковска: Пописот е политички договорена активност

Изјавата од пред неколку дена на пратеничката Рашела Мизрахи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ: „Фингерпринтот на локалните избори ќе даде точен приказ за тоа дали пописот е точна статистичка операција во која ние не веруваме“, наиде на критика кај нејзините колеги. Веднаш по изјаватa следеше реакција од страна на пратеникот Борислав Крмов. Тој истакна дека попис не може да се провери преку фингерпринт на локални избори, уверувајќи дека оваа лага од страна на пратеничката е со цел да го манипулира населението и протурка пописот, кој го спроведуваат СДСМ и ДУИ.

Денес кон оваа критика се приклучи и поранешната директорка на Државниот завод за статистика Благица Новковска, која смета дека пописот е политички договорена активност.

Немам никаква дилема дека т.н. попис кој се спроведува е политичка масовна активност. Со децении наназад пописот бил најмасовната статистичка активност. Дека овој т.н. попис е политички договорена активност, потврдува и најголемата опозициска партија како клучен партнер во реализацијата на отписот. Мицковски, Мизрахи и остали без срам кажуваат дека со finger print-овите ќе ја проверат точноста на статистичките податоци???!! Знаат ли што кажуваат? Тоа би значело пристап до базите и податоците за тие кои гласале и споредба со податоците од пописните бази.
Тоа е невозможно според сите стандарди за независнот на статистичките институции!!! Никој не смее да има пристап до базите однадвор, а за партии воопшто не се ни дискутира. Изјавите на Мицковски, Мизрахи… укажуваат или дека е договорен пристап на партиите до базите или дека тие си го лажат членството поигрувајќи се со нивните патриотски чувства, а со крајна цел да го испорачаат тоа што го ветиле на владејачките партии.