„Историјата ќе ме ослободи од вина“

На 26 Јули, пред точно 64 години, започнува Кубанската Револуција.

Годината е 1953. Куба е во распаѓање. Во неговиот подоцнежен и познат говор, „Историјата ќе ме ослободи од вина“, младиот Фидел Кастро посочува на ужасните факти во земјата, меѓу кои:

  • 700 000 невработени (во месеците кога нема сезонска работа бројот расте и над 1 милион!)
  • 10 000 млади високо образовани луѓе без работа
  • општество кое е индиферентно кон смртта на илјадници деца секоја година поради лошите услови
  • повеќе од пола од земјиштето е во сопственост на странски експлоататори
  • преполни болници во кои лекувањето се „плаќа“ со политичка поддршка за режимот
  • 90% од популацијата е неписмена или полуписмена

Една година претходно воената хунта предводена од Батиста ги откажува изборите на кои еден од кандидатите бил и Фидел Кастро. Група на млади луѓе, повеќето од младото и радикално крило на Народната Партија на Куба – Ортодоксна, решаваат да ги подобрат условите во државата, дури и по цена на нивниот живот.

Како цел за нивната прва вооружена акција ја одбираат локалната барака во Сантиаго де Куба каде е сместен воениот гарнизон. Знаејќи дека на 25 јули се одржува фиестата, за датум и време се избрани зората на 26 Јули. Од другари и јатаци успеваат да се опремат со какво-такво оружје и униформи. Тие, со месеци претходно, итро преправајќи се дека се бизнисмени што вежбаат за лов, ги користат стрелиштата и универзитетот во Хавана за да се обучат. Сепак оваа обука е далеку од професионална воена обука и ќе се покаже како недоволна.

Нападот уште од самиот старт има проблеми. Иако планот е добро изработен, младите бунтовници-во-обид прават грешки. Многу мал дел од нив се откажуваат пред самиот старт и околу 135 учествуваат во акцијата. Поради нивното неискуство алармот за напад е огласен уште пред да успеат да се инфилтрираат во бараките. Набрзо пристигнува засилување и тие се надбројани повеќе од 10 на 1. Од страна на владата загинуваат 19, додека од страна на бунтовниците загинуваат 61 (5 за време на нападот и уште 56 егзекутирани после нападот, од страна на армијата). Другите се осудени на затворски казни од 7 месеци до 15 години.

Како адвокат, Фидел сам се бранел на судењето. На 16 октомври тој, како дел од својата одбрана, го држи познатиот говор „Историјата ќе ме ослободи од вина“. Овој говор ќе послужи како политичко манифесто на „Движењето 26 Јули“. Поради непопуларноста на Батиста и неговиот третман со затворениците, по 22 месеци поминати во затвор се носи генерална амнестија и се ослободени сите политички затвореници. Кастро заминува за Мексико од каде, заедно со Че Гевара, ќе се врати во Куба во 1956 година за повторно започнување на револуција против хунтата на Батиста. На 1 Јануари 1959 оваа револуција ќе заврши успешно.

Денес Куба е многу различна држава. Земјата припаѓа на нејзиниот народ. Невработеноста изнесува само 2,4% (наспроти официјалните 22,9% во Македонија). Куба е прва држава во светот според број на лекари по глава на жител (не сметајќи ја тука Сан Марино од очигледни причини) и дел од нив пружаат бесплатна здравствна помош во околните земји. Таа е прва земја каде преносот на ХИВ од мајка на дете е спречен, а има и вакцина против рак на бели дробови. Смртта кај новороденчиња во 2015 година беше пониска од таа на САД, најголемата светска економија. Неписменоста е елиминирана целосно. Историските факти сепак го ослободуваат Фидел Кастро од вина.