Баргала отпушти жена на 4 месеци пред пензија

Работничките права секојдневно се прекршувани од нивна страна, но, и покрај ваквата ситуација, работниците го трпат теророт од страна на „газдите“, единствено заради обезбедување на гола егзистенција.

Штипската фабрика за производство на обувки, управувана од менаџерот Наум Барзов, покрај многуте некоректности кон нејзините вработени, пред неколку дена одлучи да им го одземе и правото на егзистенција на околу стотина вработени, оставајќи ги на улица. Она што работниците го доживеа тој ден беше исто како во најлошите денови од приватизацијата во 90-тите години, кога исто така на власт беше СДСМ. Иначе фамилијата Барзови се во тесна фамилијарна врска со градоначалникот на Штип, Сашо Николов, кој често ја нарекува Баргала „своја фабрика”. 

Нe’ избркаа како кучиња! Не сме биле три дена. А ние, не три дена, три месеци не сме на работа. – изјави Борка Стоиловска, една од напуштените работнички.

Македонка Данева, на која ѝ останаа уште четири месеци до пензија рече: „На 11-ти сум била на работа, ме пуштија и ми рекоа дека ќе бидам на повик, и вчера ми стигна отказ, бидејќи на 16 не сум се јавила, а јас чекам повик. Секогаш било така, не само сега.“

Од изјавите на работниците, станува потполно јасно, на кој начин и како е злоупотребена законската регулатива од страна на работодавачите. Во однос на ова следеше реакција од Трудовиот сектор на Левица, кои дадоа поддршка на работниците:

Кој манипулира со вработените во Баргала?!

Околу 100 семејства вчера останаа без својата егзистенција, откако стотина работници од штипската  фабрика за чевли БАРГАЛА, добија отказ. Работниците не го кријат својот револт и најавуваат ШТРАЈК. Не само поради добиените откази, туку и поради неисплатените плати и лошите услови за работа.

Имено, оваа штипска фабрика со години ги крши работничките права. На работниците не им исплаќа редовно плати, а ако ги исплати, тие се далеку под законскиот минимум. Прекувремените саати не им се исплаќаат, регресот за годишен одмор исто така, а ако се исплати, на работниците им било наложувано истиот да го вратат на сопственикот. Работниците се незадоволни и од условите за работа, бидејќи воопшто не се превземале мерки за заштита на нивното здравје, што резултирало и со смртни случаи за време на корона кризата.

Се поставува прашањето, како е можно оваа фабрика толку години да работи спротивно на законот, отворено кршејќи ги работничките права, а досега воопшто, никогаш и со ништо да не била санкционирана? 

Можеби одговорот лежи во фактот дека семејството Барзови, кои се сопственици на оваа фабрика, историски се во блиски односи со владејачката парија. Таткото на сегашниот сопственик Наум Барзов, Костадин Барзов, беше првиот генарелен директор на фабриката, а во 1998 година беше и кандидат за пратеник од редовите на СДСМ.

Дали Баргала е привилегирана и поради семејната врска на поранешниот пратеник (а сегашен градоначалник на Штип) со сопствениците на фабриката? Дали фактот дека штипскиот градоначалник е зет во семејството Барзови, ја става фабриката над законот?

Не помалку познат факт е дека семејството Барзови покрај фабриката Баргала, се сопственици и на уште две текстилни конфекции, како и штедилницата ,,Алкоса”, а согласно кажувањата на вработените, работничките права не се почитуваат ниту во овие фирми.

И покрај наводните ангажмани на синдикатот и на низа невладини организации, борбата за работничките права во оваа фабрика тапка во место со години и освен инстант „решенија“ за собирање политички поени, досега не е изнајдено долгорочно решение.

За решавање на проблемите на овие, како впрочем и на сите други работници во Република Македонија се потребни системски решенија, залагање на сите државни институции за почитување на правата на работниците, а за прекршителите на законот изрекување прекршочни и кривични санкции. Нешто, за кое што е потребна политичка волја, која очигледно не постои кај владејачката партија.

Само така ќе се воспостави траен систем на вредности ќе мора секој да ги почитува, а локалните моќници ќе разберат дека не се над законот, без оглед на тоа колкава е нивната финансиска моќ или политички врски.

Поддршка за работниците од фабриката БАРГАЛА!