Новиот премиер не може да јаде со стариот прибор, Владата ја подновува кујната за над 37.000 евра

Новиот премиер ќе биде дочекан во подобри услови од претходниот, Владата набавува нови прибори за јадење, со највисок квалитет, порцелан, инокс и кристал.

Според информациите кои утринава станаа достапни за јавноста, три скопски фирми ќе се погрижат новиот премиер да биде затекнат во подобри услови од претходниот. За оброкот на новиот премиер да биде во подобри услови, Владината кујна ќе ја разубават: „Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“ за 37.000 евра народни пари.

Во кујната каде се готви судбината на македонскиот народ, за најважните гости кои се надеваат дека ќе се задржат барем до крајот на мандатот, се обезбедуваат висококвалитетна бела техника-софистицирани електрична и плинска скара, витрина, шок фрижидер од инокс, фрижидер за замрзнување храна,машина за пакување храна, како и повеќе комплети на најразлични прибори за јадење за владината кујна.

ММС соопшти дека државата за прибор за угостителство ќе плати над 17.000 евра, па така една чинија за владините функционери ќе ја чини над 5.400 денари или неверојатни 88 евра по чинија. Само за овој вид на чинии од џебот на граѓаните ќе бидат потрошени 2.650 евра.

Останатите чинии чинат по околу 50 евра за парче, или од 1.144 денари тие за десерт, до над 3.700 денари парче за други за главно јадење. Еден нож од инокс за главно јадење чини неверојатни 639 денари или 10,4 евра за парче.

Во информацијата споделена од Македонскиот медиумски сервис можат да се видат и трошоците за останатиот прибор. Владата набавува по над 30 парчиња од различни ножеви, најевтините чинат 432 денари без ДДВ, вилушките чинат до 553 денари додека Лажиците се пак по околу 400 денари за парче без ДДВ. Кристална чаша чини 343 денари или по 5,5 евра за парче.

Извор: ММС