АктуелноЛокално

Реакции за реформите во образованието и дигитализацијата на книгите ОБРАЗоваНИЕ

Не стивнуваат реакциите на граѓаните, по повод дигитализација на учебниците и исфрлање на книгите од образовниот процес.

Во својот фејсбук статус Живко Гроздановски го пишува следново:

Како прилог кон расправата за дигитални/печатени учебници, неколку мисли што веќе некое време не ме оставаат на раат.

1.Идејата да ги укинете печатени учебници и наместо нив децата да ги врзете за електронски направи ја гледам како штетна, со краткосежни и со далекусежни последици. Таа идеја е толку непотребна, апсурдна и застрашувачка истовремено што човек не знае од каде попрво „да ги брани“ печатените учебници. Да им се тутнат *таблети* на децата во раце прво би значело да се направи институционален обид да се раскине онаа врска помеѓу магијата на читањето (оние книги што се читаат надвор од училиште) и магијата на учењето (учебниците). Со електронски учебници, љубопитноста кон книгите се става во ист ринг со љубопитноста кон видео-игрите, и тука веќе се знае кој има голема предност. Кога има печатен учебник околу себе, детето прво може да го перципира сетилно, да го *забележи* учебникот, да се доближи до него, да го земе, да го отвори, мириса… Ова сетилно искуство е сепак ненадоместливо.

А на прво место ја гледам можноста за *случајна* средба со книгата, самиот поглед, кој е веќе воспоставување контакт и дијалог, врска; тоа е поттикнување љубопитност кон својата околина, откривање на физичкиот простор, бидување *на определено место* во вистинскиот свет – и во домот и во училницата. Наспроти тоа, со учебникот во форма на таблет би се влегувало во контакт само *намерно*, тој би постоел само како апстрактна, недопирлива *обврска* наметната однадвор, должност што треба да се исполни, за да се задоволат некакви норми што ги наметнал системот – исто толку апстрактен и несфатлив (и со тоа одбивен) како и електронските книги. Со системот и со електронските книги не можеш да воспоставиш органска врска – како што можеш со една книга. Учебникот во форма на таблет би бил повеќеобразна (и безобразна) тврдина на заплашувачка неизвесност – споредено со радоста што ти ја носи сигурноста кога имаш учебник со кој суверено владееш. Печатениот учебник е предмет што влева сигурност со својата конечност, со својот интегритет, тоа е предмет *кој почнува и завршува во просторот*.

Печатениот учебник е предизвик кој ти покажува во која насока треба да се трудиш, тоа е игра со утврдени правила: тука е почетокот, тука е целта. А таблет-учебник во својата суштина гарантира само нестабилност, неизвеснот и минливост, стремеж кон проста исполнителност и, во крајна линија гради робовски менталитет – секако, во духот на нашиот доцен неолиберализам. Со електронскиот уред, ти веќе не владееш со предметот, туку зависиш од него – на повеќе начини, за тебе несфатливи. Со една реченица – материјалното и конкретното е привлечно за децата, а нематеријалното и апстрактното е одбивно.

2.Што ќе се случи кога таа направа во рацете на детето ќе се расипе? Ќе преземете ли вие од власта нешто кога направата ќе падне, ќе биде турната, скршена, потурена со сок, заборавена, заметкана, сокриена, украдена и што сè не…? Што ако се нема време/место да се наполни батеријата, што ако се испразни во најнезгоден момент? Што е со притисокот што детето *од старт* ќе го трпи затоа што ќе мора цело време да се грижи за некаква електронска направа? Кој ќе трпи вина за загубената направа? Кој ќе плати за новата електронска направа? А за следната? Има Иво Андриќ еден расказ, „Книга“ се вика ми се чини, за стравот што ќе го претрпи едно детенце што несакајќи ќе скине лист од книга, а потоа со месеци ќе се плаши од помислата – како ќе ја врати таа книга во библиотека…? Какви сè трауми би им следувале на децата што би морале да се грижат за овие електронски направи?

А потоа, ќе почнат ли можеби да се јавуваат и различни брендови, поскапи/поевтини модели „учебници“, со што ќе се загуби и единствената точка каде сите деца (барем за миг) се исти – на училиште, кај знаењето? И што е со сите оние деца што немаат вакви или такви услови да следат електронска настава (па уште и преку интернет)? Тие (наводно 10%) ќе бидат едноставно исклучени? А што ако *тие* деца ја изгубат електронската направа? Колку деца ќе развијат одбивност кон учењето и кон училиштето? Како да сакате да одгледувате престапници и криминалци. Секако не ви одговара да одгледувате критички настроени личности.

3.Искажани беа и многу други аргументи против тоа децата да ја започнуваат годината со дигитални учебници. Затоа, откажете се од оваа божем „прогресивна“, а во суштина лоша замисла да ги замените печатените учебници со електронски. Најдете си некој друг изговор за да си префрлате пари од буџет. Ова е лош бизнис. Не ги изложувајте децата дополнително на нивната (и на нашата сеопшта) кршливост. Секако, и ова го продавате како „реформа“, замотана во скап, цврст (а сепак лицемерно проѕирен?) целофан на некоја „легислатива“, и сигурно и зад ова стојат некои „врвни“ (однапред истражени?) „истражувања“, некои скапи „повеќегодишни научни студии“… Но, овој ваш обид *сега* да се воведат електронски учебници е очебиен пример за она што ние го учиме и од книгите и на своја кожа: корумпираната власт *многу често* работи пред сè во полза на пазарот и на своите бизниси, и дури отпосле (и божем) за доброто на граѓаните.

Така што, предоцна е, прочитана е оваа ваша книга. Едноставно откажете се од ова.

Како прилог кон расправата за дигитални/печатени учебници, неколку мисли што веќе некое време не ме оставаат на…

Posted by Zivko Grozdanoski on Monday, April 26, 2021