Попис да НО попис на население – не на стока: Одговор до Ерол Ризаов

Во текстот под наслов „Затворено. Вршиме попис!” објавен на порталот Дојче веле мк, чиј автор е Ерол Ризаов како редовен автор на овој портал, покрај сарказмот со играта на зборови каде авторот се обидува да ни го претстави двојното значење на зборот „попис“, содржи и апсолутна верба, надеж па дури и доза на љубов кон статистиката како феномен. Во сета таа сентиментална слава на рациото, сепак, авторот во ова писание не прави компаративна разлика помеѓу пописот на „стока“ и пописот на „народ“, во што има голема разлика. Но, кога Уставот и сите институции на политичкиот систем народот го препознаваат само како стока на пазар, групирајќи го во процентуално изразени трла, оттука, можеби начинот на нивно пребројување за да даде употребливи и доверливи информации, треба да ја следи истата логика. 

Но, да одиме по ред во коментирање на апоричните тези искажани во текстот:

Пописот и економскиот раст: Отсуството на попис на население подолг временски период, апсолутно не е единствената и најголема пречка за економските стратегии на Власта, сите со резултат „квантен скок во рецесија“. Особено не за економија ваква како македонската, која речиси и да нема сопствено производство. Постојат голем број на информации со кои институциите располагаат и од кои, и те како можат да се утврдат податоците, кои и онака ќе ги дознаеле од предложениот, политички режиран попис. Да не создаваме бунило дека токму сега сред пандемија дојдено е „нож до коска“ и по секоја цена мора да се спроведе пописот. Фактот што државата е нецелисходна како целина со нејзините регионални и институционални (од аспект на власта) поделби, и соодветно на тоа изгубена контрола над сите процеси, причините се резултат на институционални политики (бадентер, етнички партии, националистички уцени, пржински и разно-разни договори, позитивни дискриминации и слични примитивистички премиси во владеењето) – а не поради недостаток на статистички податоци….  

Пропаста на пописот од 2011: Споредбата со пропаднатиот пописот во 2011 година, која е искористена за, (нејасната) теза на текстот, е релевантна само во делот на фрлените пари во „Вардар“. Проблемот е што афирмирањето на односот и ставот кон пописот кој Владата го заговара – попис по секоја цена, се осудени на ист исход како и пописот од 2011 година. Па изгледа дека целта на власта е навистина да ги фрлиме парите повторно во „Вардар“? Или пак можеби сега, тие пари ќе завршат во нечиј џеб, па оттука прифатлив е каков и да е исход од пописот? Префорсирањето на своеглави стојалишта без да се има било каков слух за забелешките од засегнатите страни, особено оние кои се приложија од страна на стручните лица од областа, токму тоа е проблемот кој ја распаѓа државата, а не некаква си статистичка операција која не е спроведена веќе 20 години во државава.

Квантитетот на ужиток на права од кошот колективните права: Алудирањето кое авторот го прави во текстот на „можните конфликти“ кои би настанале како резултат на попис кој би ја прикажал и етничката структура на населението на македонските граѓани, доживувањето како некаква закана или стравување од резултатот на одредени заедници – е во најмала рака закана, бидејќи со ова несомнено ја покажувате насушната потреба за нова форма на уредување на Македонија која нема да ги содржи ваквите федеративни карактеристики, каде етничките „конфедерати“ тотално ја нарушуваат унитарноста, а и целисходноста на државата и нејзините институции. Авторот како да не е дел од македонската реалност, како да се амнестира од својот став по однос на нечие владеење како процент, па планот за решението на расправијата Македонија почнува обратно, не од Уставот и институциите, туку од пописот. Впрочем, токму преку ваквите неточни „операции“ државата е дадена во скутот на олигархијата. 

Но, да се вратиме малку на правните и политичките елементи на предложениот закон за попис кои се conditio sine qua non, а за што токму вие ревносно се залагате.

1.Предвидениот закон користи правни термини кои се косат со Уставот на Република Македонија, кои во пракса ќе предизвикаат можност за оспорување на истиот поради неговата неуставност, а со тоа и можност да се оспорат и правата на заедниците за кои вие стравувате.

2. Истиот закон предвидува можност да податоците за отсутните членови на домаќинството да може да даде затекнатото полнолетно лице. Што е спротивно на Уставот на Република Македонија во делот со кој се гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци. Имено, не може било кое лице да дава лични податоци за друго лице, без изрично предвидена согласност од истото. Што доколку тоа лице даде лажни податоци, кој ќе ги провери тие податоци, врз основа на што ќе ги верификува таквите податоци?! Во предложениот Закон за попис воопшто не се предвидува понатамошна постапка за потврда на ваквите присобрани, а ниту пак нивно верифицирање во истиот момент на попишувањето.

3. Се предвидува спроведување на пописот со употреба на апликација. Она што неодамна се случи со софтверот при спроведувањето на парламентарите избори апсолутно ни дава за право да се сомневаме во софтверското решение. Со самиот факт дека податоците се внесуваат во електронска форма создава потреба од постоење на норми кои ќе ја уредуваат ситуацијата за одговорноста при можен пад на целиот систем, нешто за што воопшто не станува збор во Предлогот. Не е предвиден никаков план Б во случај на пад на системот, а ниту пак одговорност за евентуален неуспех во процесот, како што впрочем беше со пропаднатиот попис 2011 год за што никој не сноси одговорност. Понатаму, несфатливо е да се спроведува толку обемна и важна статистичка операција преку апликација која во пракса не е ниту еднаш тестирана?! Исто така, методот на попишување не е никаде специфициран во предлог-законот, спомнато е само прибирање на пописните информации со користење на пренослив компјутер и истовремено користење на збирки на податоци(?!). Во недостаток на јасни и прецизни дефинициии на постапките на попишување, се појавуваат многу методолошки дилеми и недоверба во веродостојноста на податоците кои ќе бидат собрани.

4. Во предлог-законот никаде не е предвидена одредба за поимник на термини кои се употребени во него. Секој закон мора да содржи дефиниција за термините кои се специфични и за кои мора да има појаснување, инаку, оставате можност за индивидуално толкување кое апсолутно не соодветствува со начелото на јасност и прецизност на законотите. Недостасуваат и други неопходни податоци и поими кои треба да ги содржи пописната легислатива: наведување на документите кои попишуваните лица треба да ги поседуваат, пописните теми кои ќе бидат преземени од административни извори, пописните теми за кои ќе се собираат податоци на терен, инструментите за контрола на квалитетот и опфатот на пописот и др.

5. Согласно предлог-законот, попишувањето на сите државјани значи поистоветување на пописот со избирачкиот список, што од аспект на потребата  од информација за вкупното население на Македонија, а на кое во наредните години ќе се однесуваат сите планови, политики и стратегии,  не е само обична статистичка операција, како што ин е да се тврди, туку тоа е создавање на политичка база која институциите ќе ја користат за градење на понатамошните политики.  Попишувањето на лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Македонија е легитимно според стандардите за попишување, но само од аспект на препораките за да се попишат сите лица кои во време на пописот ќе се најдат на територијата на Македонија. Без јасно прецизирање дека тие ќе бидат дел само од категоријата вкупно попишани лица, но не и на вкупното население, станува повеќе од јасно дека се работи за свесно таргетирање кон зголемено население на Македонија, но и обид за прикажување на поинаква демографска структура од реалната. Најавената можност лицата државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство електронски да се самопопишат, дополнително ги продлабочува нејаснотиите и ја зголемува недовербата кон пописните податоци како и отвара сомнеж за користењето на истите. 

6. Европското знаменце на предлог-законот е класична злоупотребено, само за да законот се протурка без било каква јавна и парламентарна расправа. Пописните подготовки не се навремени и транспарентни, особено во однос на пописната методологија која ќе биде применета за попишување на населението. Дополнително, пописниот образец-формулар не е дел од законот, а ниту имаме ппретстава како тој ке изгледа и што ќе содржи.

Се на се, јавната дебата за пописот е НЕПОСТОЕЧКА и граѓаните не се запознаени со ниту еден сегмент од овој предлог-закон, а особено не со процесот кој сака да го уреди овој закон. При сета индикативност која произлегува од владиното инаетчиско залгање за спроведување на попис, можноста тој да биде неуспешен или најмалку неупотреблив е сосема изгледа , а средствата кои ќе се одвојат за ваквата игра на власта се огромени!