Нов скандал во судството: партиски кадри во Апелација

Се’ уште е свеж скандалот со кандидатурата на Добрила Кацарска, која во септември минатата година од судија во кривичниот суд во Скопје беше кандидирана за судија во Уставниот суд, а веќе неколку месеци подоцна судството го тресат нови скандали, овој пат со изборот на судии во Апелациониот суд во Скопје. 

Една година откако заврши огласот, Судскиот совет ги избра новите судии кои ќе ја делат правдата во скопска Апелација. Лани на 9 февруари Советот распиша оглас за 6 судии, од кои тројца за кривично, двајца за граѓанско одделение и еден за стопанско, а изборот беше неколку пати одложуван. Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов, Јусуф Ајрула, Виолета Поповска, Аритон Ала и Цветанка Ташева го добија потребното мнозинство гласови во советот од вкупно 95 кандидати. 

За трите места во Кривичниот оддел во Апелацискиот суд имало пријавени 28 судии, а избрани се судиите Лидија Зимбовска, која му пресуди на бизнисменот Сеад Кочан во случајот „Труст“, судијата Ѓоко Ристов кој речиси и да не судеше предмети од Специјалното јавно обвинителство и Јусуф Ајрулаху, судија на скопска единица. За граѓански судии беа избрани Виолета Поповска и Аритон Ала, а за во стопанскиот оддел е избрана Цветанка Ташева. 

Она што е симптоматично во целата ситуација е што членовите го дадоа својот глас за избор на судии кои не беа високо рангирани. Зимбовска била десетторангирана, додека Ристов бил на 14-то место, но сите судии пред нив на листата не го добиле потребното двотретинско мнозинство. Пред нив на листа биле судиите Ивица Стефановски, Огнен Ставрев, кој води неколку случаи на СЈО, судијката Оља Ристова и Александра Ристевска. Потоа, пред нив рангирани биле и судии од други судови како Габриела Гајдова од Велес и претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев. 

На ваквиот исход на работите, претседателот на советот коментира дека се работи за сопствено убедување на секој од членовите и дека врз нив никој не вршел влијание.

За ваквиот избор, од порталот Сведок, коментираат дека избраната Лидија Зимбовска е сопруга на функционер во владејачката партија и дека била на 10-то место на листата, многу далеку зад судии како од нејзиниот матичен суд, скопскиот кривичен, така и од другите судови од подрачјето на скопска апелација, со тоа што отпаднале првите 9, за сите членови на Судски да кренат раце за Зимбовска, што јасно ја покажува партиската наредба за овој кандидат. 

„Ако за Зимбовска бевме сигурни дека е договорена од претходно, изненадувањето е Ѓоко Ристов, за кој неодамна пишувавме дека „се прослави“ со скандалозната одлука да му изрече само ОПОМЕНА на градоначалникот на Шуто Оризари, познатиот тепач Курто Дудуш, кадар на СДС. Само за потсетување, адвокат на Дудуш беше Мирослав Вујиќ, адвокатот на Зоран Заев. Ѓоко Ристов, кој беше обвинуван дека е продолжена рака на „режимот“ преку судењата за „Шпион“, „Ликвидација“, „Изгрев“, „Метастаза“ и десетици други, е унапреден во Апелација, а неговата сопруга Симона Зориќ Ристова претходно Владата ја именуваше за Државен правобранител. За местото во стопанскиот оддел беше избрана Петранка Ташева, судијка од Струмица, за која, порталот СВЕДОК пишуваше дека е камен на сопнување, бидејќи доаѓа од друго апелационо подрачје, но е личен избор на Зоран Заев, а неговата соработничка, Лорета Георгиева, направи револуција во Советот за да гласаат за нејзината колешка. Петранка Ташева која беше 10-та на листата ги доби гласовите на сите членови на Советот со што го потврди партиското влијание“ – пишува сведок.орг.мк. 

На минатата седница, минатата недела, судскиот совет избра и четири нови судии во Врховниот суд. Мирјана Лазарова Трајковска, која до 2017 беше судија во Европскиот суд за човекови права, Сафет Кадрии, Лидија Мартинова од скопска апелација, а ним им се приклучи и поранешниот претседател на штипската апелација Наке Георгиев.