Цуцуловски: Власта дозволува маргиналци да даваат шовинистички изјави додека останатите одговараат според закон

Џамбаски на панихидата на Мара Бунева искажа бројни иредентистички ставови, искажа територијална претензија кон суверена држава како „Македонците се Бугари“ , Македонија е бугарска“ и „еден народ во две држави“.

Ваквите изјави на еден европратеник кој збори во името на Бугарија и институциите во чиј состав е се навистина загрижувачки, но државниот врв ги нарече неважни, додека премиерот ги окарактеризира како изјави од политички маргиналци.

Овие збиднувања беа искоментирани од професорот Љубомир Цуцуловски, кој остро ги критикуваше меките ставови на владата, која воопшто не е заштитнички настроена кон својот народ.

Досега мислев дека луѓето одговараат не според тоа дали се маргинални, туку според тоа дали ги газат/непочитуваат законите, нормите или прописите, тоа значи и чувствата на една држава, односно општество. Сега дознавам дека разгорувањето на шовинизам, нетрпеливост, омраза или отвореното манифестирање на големодржавнички претензии, вклучувајќи го и навредувањето на чувствата на цел еден народ, не значеле ништо, бидејќи доаѓале од маргинални луѓе. Барем така нè убедуваат.

Меѓутоа, ако е така, значи ли тоа дека ваквите, „маргинални“ суштества можат (и ќе можат!) да прават што ќе им се посека, за разлика од другите (немаргиналните) кои ќе мораат и законски да одговараат само затоа што не се маргинални? Ако е така, тогаш следи дека според оваа власт најдобро е да бидеш прогласен за маргинален и сè ќе ти биде дозволено. Ваква глорификација, но и одбрана/пофалба на „маргиналноста“/подлоста досега не сум чул, ниту кога било видел. – напиша Цуцуловски на Фејсбук.