Фени доби стечаен директор
Откако банките доверители на „Фени Индустри“ поднесоа предлог до надлежниот суд во Велес за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка, старите рефлекси на СДСМ се разбудија и денес комбинатот доби нов стечаен директор. Претходно, СДСМ го направи истиот потег со многу компании (Алкалоид и Алумина меѓу останатите), што резултираше во продажба на тие компании „на делови“, отпуштање на многу од вработените, неисплаќање на плати кои се должат и слично.
Додека минатото искуство посочува дека потегот на СДСМ не води кон исполнување на интересите на вработените на „Фени Индустри“, Кочо Анѓушев тврди дека воопшто нема да дојде до затворање на компанијата и дека решение ќе се изнајде наскоро.
„Доверителите покренаа постапка за стечај, но тоа не значи запирање на работата на Фени и негово затворање, туку напротив од она што го имаме како сознание Фени ќе има брзо решение. Добрата информација е што цената на фероникелот во моментов е поволна и што постојат три заинтересирани групации кои сакаат да ја преземат компанијата, притоа да ги задржат вработените. Сите обврски од околу 60 милиони евра на Фени од кои 40 милиони кон банките и 20 милиони кон добавувачите, ќе бидат обештени, а компанијата ќе продолжи да работи во својот полн капацитет“, рече вицепремиерот Анѓушев, посочувајќи дека се надева дека ова ќе биде направено во рок од месец и половина до два.
Како што веќе информиравме, печките во „Фени Индустри“ згаснаа во септември. Падот на цената на никелот си го направи своето врз мотивацијата на газдите, како што стои и во нивното официјално соопштение. Банките, како најголеми доверители на „Фени индустри“, на 30 октомври поднесоа предлог до надлежниот суд во Велес за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка. Информираат дека „Енекод“ не ги исполнила обврските, а за Фени, покрај бугарската компанија, заинтересирани имало уште двајца сериозни инвеститори.
И синдикатот на „Фени Индустри“, предводен од Ѓоре Палитов, се спротистави на одлуката за поведување стечајна постапка барајќи да се исплатат работниците и да не сопре работата на комбинатот што воопшто не е во нивни интерес.
„Од страна на банките до бугарскиот инвеститор Енекод се поставуваат нереални барања за гаранции кои можат да ги издадат само неколку банки во светот. Се со цел Енекод да се откаже од купувањето на Фени. Сакам да ја информирам јавноста дека Енекод веќе потпиша договор за купување на Фени и договорот е во сила. Исто така се поднесени документи до Централен Регистар за назначување на бугарскиот инвеститор за превземање на директорските функции во Фени. Ва целиот случај се работи за лични интереси на поедини моќници во државата“, изјави Палитов.
Според него, зад обидот да се преземе „Фени Индустри“ стои швајцарски фонд со засега непознат капитал и во игра се поранешни директори на Фени од Грција.
Вработените на Фени се подготвени и да штрајкуваат како и на порадикални мерки за да ги заштитат своите интереси. Стравот на вработените во „Фени Индустри“ е предизвикан од сличната судбина на комбинатот со други компании кои отишле под стечај, која стана типична за „поволната“ бизнис клима во Македонија.