Владата одобри, објекти во Дебар ќе добијат нови имиња од личности и настани од албанската историја и култура

Процесот на обезличување на Македонската историја продолжува! – Дел од оваа пракса претставува и менувањето имиња на улици и топоними низ македонските градови.

Советот на Општина Дебар, уште на 29-ти април годинава го усвои предлог-списокот, со што преку запазување на принципот на гласање според Бадентер, во себе предвидува менување на имињата на дел од улиците, плоштадите и други инфраструктурни објекти во Општина Дебар.

На Седница на Владата одржана месецов, било разгледано и одобрено барањето на Општина Дебар. Во сега веќе одобрениот список со имиња на улици, плоштади и други инфраструктурни објекти, повеќе ги нема имињата поврзани со поранешна Југославија, но и на првоборци и учесници во НОВ (Видое Смилевски-Бато, дебраните Здравко Чочковски, Таса Мартиновска).

Новите имиња се на личности и настани од албанската историја и култура на Албанци од Дебар. Дебарскиот градоначалник, Хекуран Дука, на својот фејсбук профил соопшти оти жителите на Дебар конечно имаат причина за славење, поради долгопосакуваното преименување на дел од улиците во градот.

„Владата го одобри предлог-списокот со имиња на улици во градот Дебар, доставен од општината за одобрување. Конечно имаме причина да се радуваме на оваа долгоочекувана и посакувана добра вест. Честитки за сите дебрани и со среќа. На пример, улицата „22 декември“ (Денот на Армијата во СФРЈ) ќе го носи името „Јосиф Багери“ итн“ – напиша Дука на својот фејсбук профил.

Трите плоштади ќе го носат името Скендербег и Илирија, како и до сега, додека третиот плоштад ќе се именува Елез Исуфи (национален стратег по потекло од Пешкопеја – Албанија). „Мостот Рајчица“ се преименува во „Дебарски Мост“ додека „Мелнички Мост“ ќе се преименува во „Мостот на Радика“. Нови имиња ќе добијат населбите Венец 1 која ќе се вика „Уранику“, Венец 2 ќе го добие името „Пенестија“, а населбата Депласт ќе се преименува во „Мост Селам“.

Инцијатива за промена на имињата за првпат беше поведена од Советот на општината 1996 година, а потоа и во 2010 година. Но, овие иницијативи не беа реализирани до крај.