Левица гласаше против нови задолжувања на општина Карпош

Вчера на социјалните мрежи излезе информација за Одлука на Општина Карпош со која општината се задолжува за нови 16.646.946.70 денари со вклучен ДДВ. Целта на задолжувањето е  реконструкција на четири улици. Одлуката на советот беше донесена со 22 гласа За и 1 Против.

Против оваа одлука гласаше советникот на Левица – Бранко Ристов, бидејќи според него недозволиви се нови задолжувања во услови на лошо изменаџирано справување со пандемијата, уште помалку кога општината  забележува негативен раст од 12,7% БДП во последното тромесечје. Оваа одлука тој ја смета за „паушално кревање прашина“ пред изборите за да се претстави каква-таква активност на општината. На својот Фејсбук профил тој напиша:

„Економска криза ради лошо изменаџирано справување со пандемија, ескалирана ради неолиберални економски политики 30 години, од која согласно како се движат работите Македонија нема да излезе со години. Чисто како индикатор за ова, последното тромесечје забележавме негативен раст од 12,7% БДП.

Во овие улови СДС-ДМПНЕ и се остало што е набутано во коалиција одлучија со 22 ЗА од 23 гласа да ја задолжат општина Карпош за 16.646.946.70 денари со вклучен ДДВ за наводна реконструкција на четири улици. Чисто за контекст овие три години општината, со буџет во нормални услови, не успеа ни една годишна програма целосно да исполни. Согласно сумата, ќе се пушти тендер за паушално кревање прашина ама важно ќе се гледа дека нешто се работи баш случајно пред локалните избори. Долгот….нека му ја мисли некој друг.“

Дополнително, кон критиката се надоврза и Мартин Димоски – модератор на Левица при Локалниот Огранок во Карпош.

Според него „Богоев и СДС ќе ги задолжат жителите на Општина Карпош со нови 270 илјади евра. Со овие пари кои ќе ги враќаат жителите на Карпош, Богоев се обидува предизборно да го обели образот со реконструкција на четири улици, откако во досегашниот мандат во целост потфрли во реализација на предизборната програма.

Истовремено, додека ја задолжува општината, Богоев троши 65 илјади евра буџетски пари на печатење на гласилото “Карпош ИН” кое е во целосна служба на пропагандните активности на општинската организација на СДС.“