НР Кина ги игнорира апелите на Германија за нејзиниот однос кон Русија и конфликтот Украина

Премиерите на Германија и НР Кина, Олаф Шолц и Ли Чијанг вчера се сретнаа во Берлин. Средбата се одржа само еден ден откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг.

„Повторно апелирав до кинеската влада да изврши уште посилно влијание врз Русија во оваа војна. Важно е НР Кина да продолжи да не испорачува оружје на агресорот, Русија. Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, Кина има многу посебна должност“, рече Шолц.

Ли директно не одговори, ниту пак ја спомена Украина во својата изјава, што многумина го толкуваат како јасен сигнал до Германија дека нема право да навлегува во туѓи билатерални односи. На конференцијата со новинарите по однос на оваа тема немаше дополнителни прашања.

Германија сака да одржува добри односи со НР Кина, нејзиниот најголем трговски партнер, и покрај загриженоста поради одбивањето на Пекинг да ја критикува руската инвазија на Украина, беше нагласено од германска страна.

Во неодамна објавената стратегија за национална безбедност на Германија, НР Кина е оценета како земја „партнер, конкурент и системски ривал“.