АктуелноЛокално

Владата со Уредба ќе испраќа војници за НАТО-мисиите за време на вонредна состојба

Додека состојбата со корона-вирусот во Македонија го доживува пикот, Владата на седница одржана во вторникот усвои нова Уредба со законска сила со која припадници на Армијата и на Министерството за одбрана ќе бидат испраќани во меѓународни операции само со Уредба на Влада.

Во соопштението објавено на официјалниот сајт на Влада стои дека „Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба со која се уредува надлежност за донесување на одлуки за упатување на активниот воен и цивилен персонал, припадниците на резервните сили на Армијата и вработените во Министерството за одбрана, за учество на вежби, обука, во хуманитарни операции, меѓународни операции, во НАТО мисии и операции и операции, во примената на правото на индивидуална или колективната самоодбрана, како и во операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, надвор од територијата на Републиката.

Оваа уредба се донесува и заради тоа што според Законот за одбрана одлуки за учество во меѓународни воени операции надвор од територијата на државата донесува Собранието, а бидејќи тоа е распуштено, единствениот начин во овие услови за донесување на одлуки за упатување на воен и цивилен персонал во меѓународни операции, Министерството за одбрана непречено може да ги извршува само со донесување Уредба со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба.”

Претходно јавноста реагираше дека Владата ја злоупотребува вонредната состојба во услови кога нема механизми на контрола, преку Уредби со законска сила усвојува мерки кои не се од државен и национален интерес, или пак немаат никаква поврзаност со здравствената и економска криза во државата. Претседателот на Левица, проф. Димитар Апасиев, минатиот месец реагираше дека за време на 30-дневната вонредна состојба техничката Влада донесла вкупно 120 уредби со законска сила, од кои само 40 се однесуваат стриктно на борбата и справување со последиците од коронавирусот.

Дополнително, од политичката партија Левица во април поднесоа Иницијатива за поништување на втората Одлука за утврдување постоење вонредна состојба, донесена од страна на Претседателот Пендаровски. Од партијата тогаш реагираа дека нашиот Устав предвидува постоење на вонредна состојба од најмногу 30 дена и дека продолжувањето на вонредната состојба претставува пречекорување на овластувањата на претседателот, во услови кога техничката влада има мандат само за организирање на фер и демократски избори.