АктуелноИнтервјуЛокално

Проф Атанасовски: „Масовната хистерија околу 5G се должи на тоталното непознавање на технологијата“

Во минатиов период, уште од самиот почеток на кризната состојба со корона вирусот во јавноста – по медиумите и социјалните мрежи – се проширија одредени информации во врска со 5Г технологијата. Конкретно, за одредени негативни влијанија, или пак страв од влијанија на 5Г технологијата, како врз животната средина, така и врз психофизичката состојба на самиот човек.

Проф. Д-р Владимир Атанасовски

По повод ваквата состојба, со цел јавноста да добие мислење и коментар за овие гласини исклучиво од страна на стручни и релевантни лица од областа на која се однесува самата тема, направиме мини-интервју со професорот на Институтот за телекомуникации при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, проф. Владимир Атанасовски.  Професорот Атанасовски докторирал токму во областа на безжични мрежи и активно работи во оваа област во изминативе 17 години. Тој во моментов покрај тоа што е Продекан за финансии и соработка со стопанството на ФЕИТ, истовремено е и управител на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ кој работи во состав на УКИМ/ФЕИТ. Професорот Атанасовски редовно публикува научни трудови во меѓународни списанија, како и трудови од учество на меѓународни конференции на темите од неговата специјалност. Исто така, тој има и две патенти од областа во технологијата на безжичните мрежи. Во продолжение следува интервјуто.


1. Што значи 5G технологијата? На кој начин 5G технологијата се разликува од 4G технологијата?

5G претставува мобилна мрежа од петтата генерација. Главните технички побарувања од 5G се да обезбеди многу поголеми брзини на комуникација, екстремно мало доцнење на комуникацијата и далеку зголемена ефикасност во користењето на спектарот и другите мрежни ресурси. Како резултат на сето ова, 5G нуди иновативни концепти и во радио делот и во јадрениот дел од мрежата. 5G технологијата е веќе стандардизирана и таргетира 3 клучни кориснички сценарија:
1) Enhanced Mobile Broadband (eMBB) – насочено кон зголемување на битските брзини и капацитетот на мрежата;
2) Ultra Reliable Low Latency Communications (URLLC) – насочено кон критични апликации кои бараат огромна надежност и мало доцнење и
3) Massive Machine Type Communications (MMTC) – насочено кон вмрежување уреди односно т.н. Internet-of-Things (IoT).

Главната разлика помеѓу 5G и 4G е во тоа што 4G беше насочена само кон сценарио број 1, додека 5G не само што го подобрува сценарио 1, туку и ќе понуди две сосема нови сценарија што севкупно отвора можности за повисоко ниво на квалитет на корисничко искуство, развој на нови бизнис модели и вклучување на голем број индустрии во самата 5G платформа. Едноставно, 5G ќе биде техничката платформа за идната индустриска револуција.


2. Какви промени се очекува да донесе 5G технологијата во секојдневниот живот на народот?

Со оглед на тоа што 5G ќе се имплементира постепено и тоа во период од отприлика 10 години, можам да кажам дека и ефектите од технологијата ќе бидат видливи етапно. Во контекст на одговорот на претходното прашање, она што во моментов се имплементира во светот е насочено кон сценарио 1, односно зголемување на брзината на комуникација во радио делот. Тоа ќе овозможи граѓаните да ги добијат сегашните услуги со повисоко ниво на квалитет на сервис, што секако ќе влијае на степенот на корисничка задоволеност од телекомуникациските услуги. Се разбира, со понатамошните имплементации и развој може да се очекува граѓаните полека да почнат да се навикнуваат на зголемена амбиентална интелигенција (преку следење на голем број амбиентални параметри во реално време пеку 5G мрежа), паметни решенија за дом или канцеларија, подобрување на здравствените услуги итн. Не треба да заборавиме дека 5G е технолошката позадина оставајќи можност за голем број иновации во поглед на апликативноста.


3. Дали постојат некакви истражувања во врска со можни негативни влијание на 5G врз животната средина и што покажуваат истите?

Не постојат детални и систематски истражувања базирани на научни принципи. Постојат паушални тврдења извадени од контекст. Во светот имаме многу мал број имплементации на 5G за да можеме да зборуваме за влијание од мрежата. Според мене, еден од главните аргументи на оние кои се против 5G е пресликувањето на зрачењето од било која друга безжична технологија, без да се имаат во предвид техничките иновации во позадина. Од друга страна, сите разумни истражувања од релевантни институции покажуваат дека 5G зрачењето е далеку под максимално пропишаното, така што во моментов нема апсолутно никаков аргумент за поткрепување на тврдењата дека 5G има негативни влијанија.

Дополнително, ознаката G која е многу повеќе маркетинг отколку техника има за цел полесно да ја “продаде” новата генерација. Ако речеме дека ќе направиме надградба на сегашната мрежа за да поддржи поголема битска брзина, сите корисници ќе ја поддржат идејата со воодушевување. Ако речеме воведуваме 5G, тогаш почнуваат да се анализираат некакви теории кои немаат допирна точка со реалноста.


4. Дали би можеле да наброите неколку митови и факти за 5G технологијата, за полесно да се информира јавноста околу истата и да се расчистат некои од мисконцепциите на темата?

Искрено, не навлегувам во митовите за 5G затоа што се смешни. Секој што е заинтересиран да стане експерт во областа може да се запише на студиите по Телекомуникации и информациско инженерство на ФЕИТ и да се запознае во големи детали за тоа како функционираат безжичните мрежи, како пропагира сигналот во безжичен домен, кои се регулаторните тела што се грижат да не се надминат максималните зрачни моќности итн. Ова се единствените студии во Македонија каде што можете да научите детално за 5G. За жал, мисконцепциите ги прават квазиексперти кои немаат никакво познавање од областа.


5. На што сметате дека се должи масовната хистерија околу 5G технологијата?

На тоталното непознавање на технологијата и слушањето мислења на луѓе кои апсолутно немаат допирни точки со технологијата. Лично сметам и дека одредени индустрии се плашат дека ќе бидат заменети или изолирани со развојот на роботиката и вмрежувањето со голема надежност и мало доцнење кое 5G може да го обезбеди притоа, па затоа и шират непотребна хистерија. Исто така, голем број квазиексперти мислат дека со развојот на IoT ќе дојдеме до големо акумулирано зрачење што би било проблем за луѓето. Се’ ова се погрешни сфаќања кои главно потекнуваат од фундаменталното неразбирање на начинот на којшто работи безжична мрежа.

Би требало да ги знаете во детали техниките на формирање на дијаграмот на зрачење кај 5G базните станици (кој е инаку мошне иновативен и поради тоа е можно нудење на големи битски брзини), просторно-временската корелација на корисниците во една ќелија, како и сообраќајниот профил на корисниците за да воопшто почнете да дискутирате за тоа колкаво е реалното зрачење во една точка. А сето ова бара и многу предзнаења од други области како што се математика, основи на телекомуникации, процесирање на сигнали, електромагнетика итн. Така што, полемизирањето околу било што поврзано со 5G технологијата може да го прави исклучиво некој што има релеватни познавања на сите овие области.   


6. На ФЕИТ се отвори првата лабораторија за тестирање на 5G технологијата (5G Evolution Laboratory). Какви истражувања се прават и се планираат на институтот? Што ќе биде целта на истражувањата?

Главниот акцент на оваа лабораторија е тестирање на концептот на софтверски-дефинирани мрежи кој е еден од фундаменталните постулати кај 5G. Истражувањата се во насока на обезбедување флексибилна распределба на мрежните ресурси по потреба на различни кориснички групи гарантирајќи задоволително ниво на квалитет на сервис. Оваа лабораторија е обезбедена од средства од НАТО проект.


7. За крај, би можеле ли да им препорачате на народот некои извори од каде што поверодостојно можат да се информираат околу развојот на 5г технологијата, како и за регулациите околу неа, здравствените препораки и импактот врз секојдневниот живот?

Не. Тоа е исто како да им препорачам на граѓаните со здравствен проблем да најдат на google дијагноза и терапија и да кажам дека не ви требаат лекари во тој случај. Постојат научни и стручни лица кои се занимаваат со оваа проблематика и постои регулатива која е сосема јасна и ги штити граѓаните така што тие воопшто не мораат да се занимаваат со теории на заговор. За најупорните, нека ги следат препораките на International Telecommunication Union (ITU), 3GPP, нашата АЕК и слични релевантни институции. На страната на АЕК ќе најдат и извештај од мерење на тестна 5G базна станица во центарот на Скопје кад ешто јасно се гледа колкаво е зрачењето.