Добитник на владини тендери од Струмица незаконски отпушти работници и ги остави без здравствено осигурување!

Уште еден случај на отпуштања поврзани со кризата од корона-вирусот, овој пат во фитнес индустријата. Се работи за новооформената фирма „Пулсе фитнес” од Струмица, чиј сопственик е Сашо Дончовски, познат како сопственик на туристичката агенција Атлантис од Струмица лоциранa во ТЦ „Глобал“. Како сопственик на Атлантис, Дончовски само во изминатата година остварил приход од 6 милиони евра. Во голема мера овие приходи се должат на тоа што е фирмата е добитник на огромен број тендери од државни институции. Само во јануари оваа година, агенцијата Атлантис остварила приход од 24.130 евра по основ на тендери.

Реакцијата од страна на вработените ви ја пренесуваме во целост: 


ПУЛСЕ ФИТНЕС – СТРУМИЦА

Со високи амбиции и погледи кон иднината почнавме да работиме цел тим во новоотворен фитнес центар во Струмица. Фитнесот се отвори на 25 јануари. Сопственик на фитнесот е и сопственик на Атлантис Агенцијата која ја има низ повеќе градови во државата. Во кризната состојбата со која сите сме добро запознаени и покрај сите мерки и препораки од владата, ние како вработени бевме злоупотребени. Кога се донесе првата одлука за затварање до 24 март, ние бевме затворени како и сите други кои беа погодени од ситуацијата.

Уште пред 24 март, од директорот добивме известување дека треба да го прекине работниот однос, бидејки тоа било најдобро решение за сите нас. Ние сме тим од 15 луѓе и никој од нас не го потпиша отказното решение. Сакавме да ги почекаме мерките од владата. По изгласувањето на мерките од владата дека ќе бидат покриени трошоците, директорот завчера не’ извести дека мерките не се поволни и мора да потпишеме отказни решенија.  оа била неговата последна одлука, односно ни даде две опции: да потпишеме отказно решение или да одиме на работа и да седиме таму(во време на вонредна состојба). Не потпишавме затоа што од владата апелираа да не се потпишуваат никакви спогодбени отказни решенија. После тоа почнаа уцени и на пола од вработените не ни беше исплатено тоа што ни беше изработено за месец Февруари и Март.

Ги контактиравме сите институции кои се надлежни во вакви ситуации. Денес во Агенција за Вработување видовме дека сме одјавени од 25.03 без никаков потпис од нас, без наша согласност и без да бидеме информирани. Со тоа ние сме со статус невработени и без здравствено осигурување во моменти кога тоа ни е најпотребно.

Апелиравме до сите институции и добивме одговор дека Директорот во ваква ситуација не смее да ни даде отказ без наш потпис бидејки имаме договор на неопределено време и дека како вработени ние имаме свои права и треба да се избориме за истите. Неговата поврзаност е голема со многу значајни јавни личности и со многу институции надлежни за вакви ситуации и затоа сакаме ова да излезе јавно и да апелираме до институциите да се превземат мерки и мерките да се применат за граѓани како што сме ние кои сме загрозени и злоупотребени од ситуацијата. Сакаме да се слушне нашиот глас. Pulse Fitness & SPA !!

Чувајте се, останете дома и борете се за вашите права!“

Дополнително, работниците објавија слики од вибер комуникацијата со газдата. Од комуникацијата се гледа дека сопственикот Сашо Дончовски на 31.03.2020 им се заканувал на своите вработени дека доколку не потпишат спогодбено решение, да се појават на работ и покрај владините мерки со кои се забранува работа во објектот. Но отказните решенија (кои не се потпишани од работниците) од Агенцијата за вработување, од каде работниците и ја добиле веста, датираат од 25.03.2020. Случајот е пријавен во надлежните институции, при што останува да се види дали ќе има санкции за газдата Дончовски (кој очигледно ужива блискост со Владата), или и овој случај ќе помине без никакви реперкусии како случајот со Кочо Анѓушев и многу други.