Кога повишувачите на акцизи се бунат против рамниот данок

Трагичниот почеток на владеењето на социјалдемократите, по кој следеа низа на отстапки од предизборните ветувања и демонстрација на крајна сервилност кон политиката на Западот, сега го доживува својот фарсичен крај, во кој не се знае што е покомично – повлекувањето на прогресивниот данок, кој и не беше баш нешто прогресивен, оплакувањето на Тевдовски и Јовановиќ од страна на „шарената“ фела или нивното враќање во јавниот простор како критизери на власта!

Пред се, да не се занесуваме дека СДСМ вовеле прогресивен данок. Прогресивното даночење подразбира пораст на даночната стапка со порастот на приход, а тоа претходниот закон не го опфати онаму каде што беше значајно, односно, ги избегна токму највисоките приходи – профитите на фирмите. Единственото остварено предизборно ветување на СДСМ е дека нема да го сменат даночењето на профитот на фирмите, кој е многукратно повисок од личниот приход и на најдобро платените работници во државата, па токму затоа законот што тие го донесоа е навредливо да се нарекува прогресивен. Прераспределба на богатството од богатите кон сиромашните, без да се чепне имотот на екстремно богатите и нивните дрски профити, камати и кирии, не е прераспределба, туку е само естетска шминка на пукнатините на системот.

Овде не станува збор за некаква фигуративна пукнатина, туку за реални недостатоци во целиот систем во кој живееме. Државата може да дојде до пари, горе-доле, преку три метода: државно производство, собирање даноци и позајмување. За државно производство овде одамна веќе не може да се зборува – се е приватизирано, а големата задолженост на Републиката веќе не може да ги покрива ем кражбите и рекетите на власта, ем трошоците на државата за инфраструктура, здравство, образование итн. Токму полнењето на државната каса е причината зад првичното воведување на „прогресивниот“ данок, слично како и еден навидум спротивен закон на него – законот за покачување на акцизата за дизел.

Бранимир Јовановиќ и Драган Тевдовски, колку и да се претставуваат така пред јавноста, не се грижат навистина за прераспределба на богатството. Нивниот главен интерес е да се наполни државната каса, без разлика од каде. Дали парите ќе дојдат од газди како Анѓушев и Камчев, или од работничката класа, и дали навистина ќе се потрошат за нешто корисно за граѓаните, за НАТО, за рекети, или за нешто сосема трето, е од второстепен интерес на Јовановиќ и Тевдовски, и тоа доста јасно се покажа со нивното зголемување на акцизата на дизелот. Зарем можеме да поверуваме дека овие двајца, кои со зголемената акциза на дизелот удрија по работничката класа, сега навистина се заинтересирани за прераспределба на богатството од богатите кон сиромашните?

Дополнително, ако нависина беа заинтересирани за прераспределба, а не за полнење на државната каса, одамна ќе ја заменеа нивната реторика со која безгрижно ја замаглуваат разликата помеѓу газда како управувач и олицетворение на капитал, кој живее од профит, камата, или кирија, и работник, како продавач на работна сила, кој живее од плата и мора да работи. Тие зборуваат единствено за прераспределба од богатите кон сиромашните, наместо за прераспределба од газдите, крупните стопанственици и олигарси кон работниците и сиромашните, не успевајќи да дадат задоволително објаснување на пршањето зошто нема прогресивно даночење на добивката на фирмите, кои впрочем се многу повисоки од 1500 евра месечно. Впрочем, Бранимир и во неколку ретки наврати има зборувано на темата, бранејќи си го угледот на левичар пред „шарената“ фела, тврдејќи дека он се трудел да има прогресивно даночење на добивката на фирмите, осебено на онаа добивка што не e реинвестирана. Но, нажалост, тоа не одело, па тој ја продолжил „борбата“ за тоа за што можел.

Тевдовски и Јовановиќ сега се враќаат како критизери на власта на која до скоро беа самите дел. Цитираат изјави на Заев каде што тој се декларира како левичар, посочувајќи на неговото лицемерие, па се загрижени за тоа дали ќе опстои придавката „социјалдемократски“ во СДСМ. А какви левичари се тие, кои удрија по работниците со покачени акцизи, кои бесшумно се откажаа од воведување на прогресивен данок на профитите на компаниите, вадејќи се дека „тоа било наведено во изборната програма на СДСМ“, програма која што безброј пати беше неисочитувана? Лицемерието на Заев не го правда и нивното лицемерие, кои легнаа во кревет со Анѓушев и со „левичарот“ што сега го критикуваат. Или во ред се Заев и Анѓушев, се додека си на платен список на власта?

Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица