Субвенционирањето на вградување на плински уреди популистичка и крајно неефективна мерка

Пишува:
Мартин Димоски

Владата на Република Македонија како ексклузивна мерка за спречување и намалување на загадениот воздух пред некој месец ја најави можноста за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан и друг вид на алтернативно гориво во возилата. За истата оваа мерка, по претходна анализа и детално осмислување, пред само неколку денови излезе и јавниот повик објавен од страна на Министерството за Економија.

Љубопитноста ме натера да ја отворам интернет страната на Министерството за економија и да го прочитам јавниот повик. Во еден здив ги прочитав сите три страни, а заклучокот без двоумење е дека ова е популистичка и крајно неефективна мерка. Ова произлегува од условите, критериумите и начините на спроведување на оваа мерка.

Прво што паѓа во очи е одлуката да право на субвенција имаат оние кои ќе вградат ваков уред на автомобил не постар од 2005 година. Најголем дел од автомобилите произведени по 2005 година се со ЕУРО 5 и ЕУРО 6 еколошки стандард што значи дека загадуваат далеку помалку во однос на останатите. Возилата и со овие стандарди во многу земји од Европската Унија се оценети како пожелни во централните градски подрачја токму поради помалата емисија на штетни гасови што ја продуцираат во споредба со оние, постарите кои се со ЕУРО 4 и помал стандард.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, минатата година, 360 илјади автомобили биле постари од 10 години што претставува 86,7% од вкупно регистрираните автомобили во Македонија. Дополнително, просечната старост на автомобилите во Македонија, минатата година изнесувала 19,1 година. Тоа значи дека со оваа мерка се опфатени нешто од 14% до 20% од автомобилите во Македонија, но при тоа само оние кои најмалку загадуваат.

За да се добијат субвенциите потребно е најпрво да се вгради плинскиот уред кој може да чини и околу илјада евра. Значи прво треба да се дадат парите, па потоа да се молите да добиете субвенции. Колку овие финансии може да си ги дозволат семејствата со просечни и под просечни месечни примања? Дали некој размисли каква корелација има помеѓу висината на месечни приходи и староста на автомобилот што се вози? Нормално, оние кои имаат пари имаат и понови автомобили, не постари од 2005 година, најчесто стари неколку години. Тие имаат и пари да вградат плински уред, без да треба некој да ги субвенционира, но сега повеќе од сигурно дека ќе го остварат ова право и наместо на оние на кои им е најпотребно, субвенции ќе земат оние лица кои одат на егзотични патувања по белиот свет, чии деца одат по неколку пати на зимувања, а дома прочистувачи на воздух имаат во секоја просторија.

Спорен е и начинот на добивање на субвенции. Така субвенции ќе добијат само најбрзите кои ќе успеат да аплицираат односно доделувањето субвенции ќе биде по принципот “Прв дојден, прв услужен”, наместо според рангирање извршено според неколку параметри како на пример: количина на карбон диоксид на километар, место на живеење…

Поради немањето на дополнителни критериуми, овие субвенции може да се алоцираат и во градовите каде нема или има минимално аеро загадување, пример Берово, Пехчево, Делчево, Дебар, Ресен…

Вака дефинираната мерка, остава простор да плински уред вградат оние сопственици на автомобили чиј автомобили трошат релативно многу гориво поради големата моќност на мотор. Тоа се автомобили од премиум производители чија продажба вредност изнесува над 30 илјади евра, а се произведени последните неколку години и продуцираат далеку помалку штетни гасови од автомобил од, на пример, 2003 година чија продажна вредност е 2-3 илјади евра.

Значи субвенции за плински уред нема да добијат сопствениците на автомобили произведени пред 2005 година кои сочинуваат најголем дел од автомобилите во Македонија, а воедно и најмногу трошат и загадуваат, туку оние богатите со нови автомобили кои имаат пари во секој момент да може да финансираат монтирање на плински уред.

Очигледната е безидејноста и аматеризмот на надлежните служби, на Владата, министерствата и Градот Скопје. И оваа зима сите мерки ќе се сведат на утринско молење на Шилегов, Макрадули, Министерот за екологија (чие име не може и на интернет да се најде) и Зоран Заев да во текот на денот се појави топол западен ветер кој ќе ја растрга маглата накај исток.