АктуелноЛокално

Профитерството на дело – од донатори на СДСМ до добитници на милионски тендери

Од осамостојувањето на Македонија и воведувањето на плуралистичката политичка сцена, најголемите политички партии ДПМНЕ и СДСМ се субјектите кои со доаѓањето на власт, наместо во служба на граѓаните, безпоштедно се ставаа и ставаат во служба на крупните капиталисти. За тоа постојат бројни непобитни докази и факти, а последните се поврзани со владејачката гарнитура на СДСМ.

Имено, правни субјекти кои се јавуваат како донатори на кампањите на СДСМ се истовремено и добитници на мултимилионски тендери од Општини, Министерства и Јавни претпријатија предводени од кадри на СДСМ.

Ќе започнеме со компанијата „Конти Хидропласт” од Гевгелија. Оваа компанија се јавува како донатор на СДСМ на изборите во 2014 година, а по доаѓањето на власт на политичката партија предводена од Зоран Заев добива бројни тендери.

Последниот тендер кој го добива „Конти Хидропласт” од страна на Струмица-Гас е од 01.08.2019 година во висина од 48.780 евра за изградба на секундарна-дистрибутивна гасоводна мрежа.

Но ако се навратиме години наназад ќе забележиме дека Општина Струмица и јавните претпријатија на оваа Општина имаат одлична “љубов” со „Конти Хидропласт”. На 21.05.2018 година ова правно лице добива тендер од Јавното претпријатие за енергетски дејности Струмица-Гас за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа во Општина Струмица во висина од 601.626 евра. Две години претходно Струмица-Гас како нарачател доделува тендер на ова претпријатие во износ од 162.602 евра. И на 20.07.2012 година година „Конти Хидропласт” добива тендер во висина од 325.203 евра.

Дека Општина Струмица и „Конти Хидропласт” имаат добри тендерски односи покажува и фактот што оваа компанија преку ЈПКД Комуналец – Струмица добива тендер во 2011 година во висина од 97.561 евра за набавка на ПЕ водоводни и ПП канализациони цевки и спојни елементи. Покрај овие тендери, во последните неколку години оваа компанија се јавува како добавувач на неколку тендери Општина Струмица и ЈПКД Комуналец Струмица со вкупна вредност над 100 илјади евра.

Далеку поголем донатор е Семос ДОО. За оваа компанија од ИТ секторот во јавноста кружат информации дека е во сопственост на сопруга на поранешен високо позициониран член на СДСМ.

Според вкупниот финансиски извештај за приходите и расходите на Коалицијата предводена од СДСМ за последните парламентарни избори во 2016 година, а доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата (под архивски број 4692/1) Семос ДОО има донирано 1 милион денари. Најпрво на 02.12.2016 година донира 500 илјади денари, а потоа на 24.03.2017 година дополнителни 500 илјади денари.

Од 01.01.2017 година па се до денес оваа компанија има добиено вкупно 81 тендер, а поединечната вредност се движи од 706 евра па се до 134 илјади евра. Сепак ова се само два примери за тоа како донатори на СДСМ добиваат мултимилионски тендери. За потсетување, во 2018 година актуелен беше случајот со Делукс Ауто од Куманово, компанија која доби тендер од 9,5 милиони евра за набавка на 11 возила, а истата фирма се јавува и како спонзор на митинзите на Радмила Шеќеринска.