Зошто денес нема песна
Зошто денес нема песна!
Уште лани Влатко Стефановски на „Топ Тема” на Телма констатираше дека денес нема песна што ќе остане народот да ја пее. Различно од периодот кога живеевме во федерација со другите југословенски народи, како и периодот после независноста, кога се создадоа нумери кои и ден денес се пеат. Не дека и денес не се продуцираат квалитетни производи, но тие се само капки во морето од шунд и невкус што му се нуди на народот за конзумација.
Целиот проблем е што главна водилка на сите фестивали во државата стана профитот, а тоа значи дека естетското и едукативното отидоа во втор план, во повеќето случаи дури и ги нема, но затоа има еден тон шлајм кој е на нивото на џанк фуд. Ако пак се појави естетика и позитивна едукација, таа е оперирана од креативна имагинација и е сведена на бедна копија на едни добри времиња.
Денес имаме фестивали, буквално водени од организација на ајкули, се што е профит е поделено меѓу малку луѓе, малите риби плаќаат поткуп за да се појават на сцената, а сето тоа е здраво поддржано од институциите на државата. Градоначалници даваат народни пари за да мала група која е естрадна мафија си ги полни џебовите.
Пред една недела заврши Макфест. Кажете ми која песна се врти на сите радија, тоа сите песни ги вртат по радијата и тие се дел од мафијата, но еве, која песна ја свират и пеат деца седнати на клупа во парк. Сте чуле ли такво нешто!? Да не ја пеат песната на Александар Митевски и Дац, шлагер чуен веќе во иљадници варијанти низ целиот свет!? Не, нема такво нешто.
Затоа треба да работиме на социјалната свест, на здружувањето, на еднаквото делење и на маките и на придобивките. Во таква изградена околина ќе има поголема можност за духовни проблесоци какви што немаме денес.
Долу естрадната мафија!
Став на Зоран Велковски, член на Централниот Комитет на Левица.