94 години од раѓањето на Франц Фанон

„Пред два века, поранешна европска колонија одлучи да се доближи до Европа. Оваа колонија беше толку успешна што Соединетите Американски Држави станаа чудовиште во кое целата нечесност, болест и нечовечност на Европа пораснаа во ужасни димензии”.


Франц Омар Фанон е роден на 20 јули 1925 година на островот Мартиник. Тој бил револуционерен филозоф, марксист, писател и психијатар кој активно учествувал и имал силно влијание врз политичките процеси за ослободување ширум светот. Неговото дело го карактеризира унапредувањето на деколонизациската мисла и анти-колонијалната борба за глобално угнетените, особено за африканските нации и народите од африканската дијаспора.

Фанон исто така бил психолог и политички теоретичар кој имал значајно влијание врз генерациите на анти-колонијални револуционери, од Малком X до Стив Бико, па дури и Че Гевара. Тој бил моќен писател, чии книги “Бедните на светот” (“Wretched on the earth”) и “Црна кожа, бели маски” (“Black skin, white masks”) ги анализираат последиците на колонијализмот врз човековата психа, вклучително и материјалните услови и практики што ќе доведат до самоослободување на колонизираните народи. Неговата политичка мисла даде значаен придонес за импликациите и последиците од колонизацијата. Фанон значително се фокусирал на анти-колонијалните борби од неговиот период и на трансформирањето на свеста на луѓето,  како и на јазикот, земјата и другите фактори кои ги искористуваат колонизаторите за угнетување на народи ширум светот.

Овој афрички револуционер детално ги елаборира поврзаностите помеѓу систематската колонизација на луѓето, земјата и јазикот. На пример, Фанон заклучил дека “империјализмот позади себе остава трулежни бактерии кои мораме клинички да ги откриеме и отстраниме од нашата земја, но и од нашите умови”. Како таков, тој ја бранел премисата дека “за колонизираните народи најсуштинска вредност бидејќи е најопиплива е најпрво земјата: земјата која ќе им донесе леб и пред сè, достоинство”.

Фанон исто така бил ран критичар на постколонијалните влади, кои потфрлија да постигнат слобода од колонијалните влијанија. За него порастот на корупцијата, етничката поделба, расизмот и економската зависност од поранешните колонијални држави бил директен резултат од “медиокритетот” на африканските владеачки елити.

На 6-ти декември 1960 година Фанон умира после кратко боледување од леукемија. Тој е погребан со почести од страна на Народно-ослободителниот фронт, а неговите посмртни останки моментално се наоѓаат на гробиштата на мачениците во Аин Керма, Алжир.