Мразам индиферентни – Антонио Грамши

Мразам индиферентни. Верувам, како и Фридрих Хебел,[1] дека „да се живее значи да се биде пристрасен”. Не можат да постојат само луѓе, туѓинци во еден град. Оној кој навистина живее мора да биде граѓанин, мора да биде пристрасен. Индиферентноста е безволност, паразитирање, кукавичлук, тоа не е живот. Затоа ги мразам индиферентните. Индиферентноста со својата мртва тежина ја притиска историјата. Таа е железна кугла врзана за ногата на иноваторот, таа е мртва вода во која често се дават и најсјајните елементи, таа е мочуриште кое го опшива стариот град и го брани подобро од најтврдите ѕидини, подобро од градите на неговите бранители, затоа што во своите калливи вртлози ги голта оние кои јуришаат, ги десеткува и им ја одзема храброста, некогаш терајќи ги да се откажат од херојскиот потфат.

Индиферентноста силно делува низ историјата. Делува пасивно, но делува. Таа е фаталност, таа е она на што не може да се смета; таа е она што ги расипува проектите, што ги руши најдобро креираните планови; таа е груба материја која и’ се опира на интелигенцијата и ја гуши. Она што се случува, злото кое ги погодува сите, можното добро кое херојскиот чин (универзалната вредност) може да ја роди, не е во толкава мера плод на иницијатива на малубројните кои се трудат, колку на индиферентноста, на неучеството на мноштвото. Она што се случува не се случува затоа што некои сакаат тоа да биде, колку затоа што огромна маса луѓе се откажува од имањето сопствена волја, им препушта на други да работат, пушта да се заплеткаат јазлите, кои подоцна само мечот може да ги пресече, дозволува да се донесат закони, кои подоцна ќе може да ги укине само бунтот, дозволува да дојдат до власт луѓе кои подоцна ќе може да ги тргне само востание. Фаталноста која доминира со историјата не е ништо друго туку илузорен вид на таа индиферентност, на тоа отсуство.

Настаните созреваат во сенка, вон надзорот и контролата, тие го ткаат платното на колективниот живот, но масите тоа не го знаат, затоа што не им е гајле. Судбината на некоја епоха е манипулирана, согласно тесните погледи, непосредните цели, личните амбиции и страстите на мала активна група луѓе, а на масите тоа им е непознато, затоа што тоа не ги интересира. Но настаните созреваат и избиваат; платното исткаено во тајност е довршено: и така изгледа дека неминовната судбина го сменила животот на сите, како и секој поединец; оној кој тоа го сакал, и оној кој тоа не го сакал, оној кој знаел и оној кој немал појма, како и оној кој активно се борел и оној кој бил пасивен. А токму овој последниот се лути, тој не би сакал да ги поднесува последиците на настаните, би сакал да биде јасно дека тој тоа не го сакал и дека не е одговорен. Некои плачно ламентираат, други грубо пцујат, но никој или малкумина не си го поставува прашањето: ако и јас го сторев она што ми е должност, ако се потрудев да ја искажам својата волја, ако дадев завет, дали ова би се случило? Но никој или само малкумина ја обвинуваат својата рамнодушност, својот скептицизам, малкумина се сметаат за виновни што не подале рака и што не помогнале активно на оние групи граѓани кои, токму за да се избегне тоа зло, се бореле и предлагале наместо тоа да се постигне некоја добра работа.

Повеќето од нив, кога ќе се случи несреќата, најмногу сакаат да зборуваат за пропаста на идеалите, за програмите кои дефинитивно пропаднале и за други слични прекрасности. Така повторно ја почнуваат својата отсутност од секаква одговорност. И тоа не затоа што не ги гледаат јасно работите и што некој пат не се во состојба да програмираат прекрасни решенија на итни проблеми или пак на оние кои, иако бараат подолги подготовки, се подеднакво итни. Нo сите тие решенија остануваат прекрасно неплодни, затоа што тој придонес кон животот на заедницата не ја осветлува никаква морална светлина; тие се производ на интелектуална љубопитност, а не на острото чувство на историска одговорност, која бара сите да бидат животно активни и која не допушта агностицизми и индиферентност од ниту еден вид.

Мразам индиферентни затоа што ми пречи нивното цмиздрење на секогаш божем невини жртви. Барам секој од нив да положи сметка како се однесувал кон задачите кои пред него ги поставил животот и кои секојдневно повторно ги поставува, сметка за она што тој го сторил и она што не го сторил. И чувствувам дека ќе бидам суров и дека не морам да бидам дарежлив со сопственото сожалување и не морам со нив да ги делам солзите. Јас сум пристрасен. Живеам и чувствувам како силната свест на мојата страна веќе активно бие битка за иден подобар град, кој мојата страна веќе го гради. И во него синџирот на општествените обврски не тежи само врз малубројни, сè што се случува во него не е случајно, фаталистички, туку е дело произлезено од разумот на неговите граѓани. Во тој град никој не останува за да набљудува од прозорецот како малубројните се жртвуваат и даваат крв од сопствените вени за таа жртва; затоа што оној кој останал да гледа од прозорецот, кој се притаил и кој сака да ги користи она малку добра кои се стекнати со делување на малубројните и го изживува своето разочарување нагрдувајќи ја таа жртва, токму тој ќе искрвари, затоа што нема да успее во својата намера.

Жив сум, значи пристрасен. Затоа го мразам оној кој не учествува, мразам индиферентни.

Превод: Илина Јакимовска

Извор: Marxisist