Излишна е вистината, НАТО ќе нѐ ослободи!

Цела пешадија на бранители на „вистината“ вчера се фрлија во ургентен поход за одбрана на Заев после неговото легендарно фијаско. Како најистакнати борци на аутсорснатото Министество за Вистина се покажаа Џабир Дерала од Цивил-Центарот за Слобода и Петрит Сарачини кој напиша текст со следниот наслов „Со влез во НАТО ќе победиме во оваа специјална војна, а Зоран Заев ќе нѐ води во победата!“ објавен на страната на Цивил. 

Слична содржина се појави и на веб-страната „Вистиномер“. Таму Заев се брани во текст насловен: „Шегаџиите“ што го измамиле Заев немаат проблем да бидат „оружје на Кремљ“. За да денеска на истото „истражување“ од Вистиномер се надоврзи и весникот „Фокус“ пренесувајки го ова мерење на вистината (?!) со насловДржи вода изјавата на Заев дека Кремљ стои зад руските комичари“.  Да разгледаме малку подлабоко  кој е изворот на нивната страст за „слобода“ и „вистина“ и која е вистината која што ја брани оваа веб-страна.

Карактеристично за сите овие текстови во одбрана на Заев е и тоа што користат ист шаблон: нападот го фокусираат врз изворот и начинот на кој што снимките биле направени.  Но многу поважно од изворот на снимките, е тоа што тие го откриваат за менталитетот на оној којшто треба да ја води државата. Таму се крие очигледна сервилност и автоматизам за отвореност кон „пријателите“, односно оние на кои што ни’ е дозволено да се дружиме, на докажаните сојузници на НАТО и САД, како Порошенко од Украина или Гуаидо од Венецуела. Позади овој пристап се крие отсуство на било каква стратегија за заштита на државни интереси, односно положување на предаденост во рацете на САД и нивната надворешна политика. При што улогата на нашата надворешна политика е едноставна, таа треба само да ги следи координатите поставени од колонијалниот господар. Во контекст на ова, да се опише ликот и делот на Зоран Заев како резултат на грешка, невнимателност или дебилизам, е всушност да се амнестира од одговорност тоа што во суштина сето ова претставува манифестација на последниот стадиум во целокупната подреденост и потчинетост на државата до ниво на петторазредна американска колонија.

Како и Цивил, и Вистиномер е финансиран од американската фондација NED – National Endowment for Democracy, организација создадена во раните осумдесетти од страна на администрацијата на Реган. Под самиот текст стои дека: Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Оваа организација во минатото беше контроверзен инструмент на американската надворешна политика, поради нивните активности за променa на странски влади. За време на Конгресна расправа во 2018 година, со цел да обезбедат финансирање на нивните активности, директорот на организацијата Карл Гершман, ги опишал „суптилните начини на кои Соединетите Американски Држави се мешаат во внатрешните работи на други држави преку тактика која ја нарекуваат „долгата игра“”. Долгата игра всушност значи избирање на партнери за соработка и со зборовите на Гершман „обезбедување на алатки со кои тие ќе ги остварат своите цели“. Во конгресната расправа Гершман меѓу другото зборувал и за способноста на организацијата да им помогне на нивните политички сојузници да дојдат на власт во Малезија, Никарагва, а во одбрана на потребата за продолжено финансирање на организацијата зборувал и за нивниот потенцијал и способност да се создадат нови Влади во Кина, Русија и Кореја. Впрочем, скорешните антивладини протести во Хонг Конг, на кои беше истакнато британското колонијално знаме, беа финансирани токму од оваа организација.

Според донаторите и според методологијата на „Вистиномер“ всушност може да се заклучи дека претставува само уште еден во низата на најнови инструменти на американскиот империјализам и нивните локални чиновници. Формулата е едноставна. Доволно е да се залепи етикатата „лажни вести“, „теорија на заговор“ или „руско/кинеско влијание“ за да се дискредитираат и очигледни показатели на методите и последиците на американскиот империјализам. Истите методи се користат и за одбрана на локалните поданици, па секој нивни криминал и/или манифестација на дебилизам одненадеш станува лажна вест или диригиран напад на Кремљ.

Во меѓувреме, мерачите на вистината и борците на слободата, кои нѐ убедуваат дека 2+2=5, Заев нѐ води кон победа, а НАТО мир и просперитет, остануваат најголемите непријатели на вистината, слободата и на сите нас.

Исмаил Реџеп (Хактан), член на Президиумот на Левица.