Законот за Охрид не е тој што беше презентиран во Баку, внесен и Бадинтер

Од иницијативата „Фронт 21/42″ реагираа дека во предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, се додавани членови за кои не било дискутирано во формирањето на предлог-законот и кој беше презентиран од владината делегација во Баку. Иако оваа иницијатива активно учестуваа со свои предлози во формулирањето на овој предлог-закон, на нивните претставници им било оневозможено да учествуваат во расправата на собраниската Комисија за култура, на чија расправа беше исклучена јавноста.

Од таму велат дека се изиграни со тоа што на предлог-законот му се додавани работи за кои воопшто не станувало збор, како што е вметнувањето нови членови во Советот и вметнување член од Министерството за политички систем кој е под раководство на ДУИ и вклучување одредба за гласање со Бадинтер.


„Целта на новиот закон беше да се деполитизира управувачкото тело а неговата структура да стане стручна. Токму затоа баравме и беа вметнати критериуми за стручност и за експертиза за членовите. Ваков предлог за член од министерството за политички систем никогаш не бил разгледуван од страна на работата група која работеше на законот, ниту пак доставен како коментар во периодот на консултациите. Членот од министерството за политички систем е додаден без знаење на „Фронт 21/42“ и без дискусија ниту со работната група ниту со јавноста. Министерството за политички систем нема никаква улога ниту надлежност во управување и заштитата на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Одредбите за носење одлуки со Бадентер се буквално призалепени на веќе постоечки одредби и очигледно е нестручното додавање на истите. Оправданост за ваквите интервенции нема. Целта е одлуките да се носат стручно и независно, а членовите на советот да одговараат за секоја донесена одлука и изнесен став. За овие сите овие измени прв пат дознавме по објавување на законот од страна на Собранието.

Веднаш кога дознавме дека е закажана седница на Комисијата за култура каде ќе се разгледува законот, писмено се обративме до Комисијата со барање за присуство и можност за обраќање. Јавноста, транспарентноста и дебатата се особено потребни имајќи предвид дека нацртот кој влезе во собраниска процедура има одредби кои се спротивни на препораките на УНЕСКО и никогаш не биле дискутирани. Верзијата која е испратена во Собрание не е иста со верзијата која Владата ја испрати на мислење до УНЕСКО и ја презентираше во Баку како главно достигнување на „прогресот“ во исполнувањето на препораките. И покрај сето ова Комисијата не дозволи да присуствуваме ниту како јавност ниту како членови на работата група која го учествуваше во подготовка на нацрт законот.” – велат од иницијативата „Фронт 21/42″.

За истиов проблем пред неколку месеци реагираа и иницијативата Охрид СОС и политичката партија Левица кои додадоа дека „ барањето за воведување бадинтер од страна на ДУИ во новиот Закон за управување со светското природно и културно наследство претставува озаконување на криминалното дивеење на партиските локални моќници по брегот на Охридското Езеро.”