Уште двајца повредени работници: повредена жена во Дрекслмаер и градежен работник во Скопје

Во два одделни несреќни случаи на работно место во Кавадарци и во Скопје повредена е жена на возраст од 30 години и маж на возраст од 33 години. Во Полициската станица Кавадарци било пријавено дека во фабрика во Кавадарци работничката Е.П.Д. (30) се здобила се тешки телесни повреди додека извршувала работни задачи. Таа била пренесена во болницата во Кавадарци каде и била укажана помош.

Истиот ден, во 11 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека со тешки телесни повреди кај нив бил донесен С.Р.(33) од село Св.Петка, скопско. Според пријавеното, тој се здобил со повреди во трговски центар додека извршувал градежни работи на деловен објект.

Таканаречените странски инвестиции кои беа една од главните заложби на претходната власт и кои уживаат големи привилегии за странскиот капитал (преку укинување на даноци, субвенции, подарување државно земјиште) сѐ уште важат за концентрациони логори за работниците. Новата влада, засилена од НАТО и ЕУ бирократите, ги продолжи анти-работничките политики преку фаворизирање на домашниот и странскиот капитал, додека работниците сѐ уште умираат по фабриките и погоните за недостоинствена плата и мизерни услови. 

Дури и минималните реформи кои ги најави социјалдемократската власт на Заев (како просечна плата од 500 евра) не успеа да ги спроведе оваа влада, длабоко заглавена во спрегата со олигархијата и газдите. Дури и да имало минимални очекувања дека ќе настане некоја промена со смената на партиите на власт, сиромаштијата и мизеријата која сѐ уште владее меѓу обичниот народ јасно демонстрира дека конвенционални партии (составени од претставници на капиталот) не можат да воведат радикален рез во системот кој тоне. Што е логична последица, затоа што токму вака поставената консталација на односи (каде приватната сопственост и профитот е врвна вредност) ги храни и одржува во живот бизнис-партиите кои ги штитат само интересите на газдите кои го цедат трудот на работниците. 

Ако е јасно дека интересот на капиталот е причинителот на ваквите појави, тогаш решението е исто така јасно: уништување на капиталот. Црвената револуција, онаа од и за работниците, не може да биде предводена од некој што ги претставува овие интереси. Историјата доволно нѐ научи дека таквите класи само паразитираат на наш грб. Нашата револуција мора да биде насочена против нашиот вистински непријател и сите оние кои се негови претставници и кои нѐ газат во име на профитот. Таа мора да биде во насока на колективизирање на приватната сопственост. Фабриките, претпријатијата – тие се наши, бидејќи ние во нив произведуваме. А ние можеме да произведеме доволно за нас и не мора да работиме по 8 или 12 часа дневно, ниту во нехумани услови кои ни ги загрозуваат животите, за некој да може да лежи по цел ден и да се натпреварува користејќи го својот капитал, кој ние му го создаваме, со нечив туѓ капитал.