70 години од НАТО – причини и последици

Годинава НАТО наврши 70 години од неговото формирање во 1949-та година, кое беше со цел да го наруши политичкото и идеолошко влијание – како и воената моќ – на Советскиот Сојуз и социјализмот што во светот се зголеми по Втората светска војна. Ако НАТО е создаден со цел да делува како пречка за ширењето на „Советскиот империјализам“ и да се спротивстави на комунизмот и перцепираната нуклеарна закана, тогаш каква е неговата релевантност денес?

Како што можеше да се види од фокусот на Самитот во Вашингтон по повод одбележувањето на овој јубилеј, веројатно нема подобар подарок за овој роденден од „Руската закана“, како наратив од витално значење за Алијансата да го оправда своето постоење и после 30 години од распадот на Советскиот Сојуз. Имено, пред една деценија, портретирањето на Русија како главна глобална закана не беше толку популарно како што е сега. Дури и Барак Обама еднаш го нападна републиканскиот наратив, велејќи дека демонизацијата на Русија е дел од менталитетот на Студената војна.

Денес, се поочигледно е дека САД се обидуваат да ја искористат идејата дека Русија останува таква закана, не само за да го оправда континуираното постоење на НАТО, туку и да го зголеми трошењето за одбраната, на што се осврна и Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во своето обраќање на Самитот. Во оваа насока, коментирајќи ја 70-годишнината од НАТО, поранешниот американски конгресмен Рон Пол изјави дека Алијансата всушност е штетна за американските интереси на мирот и трговијата. И навистина, за да го задржите воено-индустрискиот комплекс, да го одржувате ефективно агитирањето за него, секогаш треба да имате непријател, на тој начин зајакнувајќи го само воено-индустрискиот комплекс и оние кои всушност имаат корист од таквата империја.  

Уште еден резултат од формирањето на НАТО беше трката во вооружување, која денес се чини продолжува во исто темпо. На самитот, покрај „Руската закана“, беше нагласено и зголемувањето на трошоците на земјите-членки со цел градење на оваа воена машинерија. Имено, минатата година земјите-членки на НАТО потрошиле повеќе од еден трилион долари за одбраната, што е далеку повеќе од збирот на буџетите за одбрана на своите противници Кина и Русија. Империјалистичката конкуренција и стравот од губење на економската и идеолошката предност НАТО го водат кон се поголемо конфронтација, па дури и во своите редови и на своја територија.

По повод овој јубилеј на НАТО, интересно е да се забележи како во германските медиуми се појавија доста наслови и статии кои ги доведуваат во прашање односите помеѓу САД и Алијансата. Во една ваква статија на Spiegel Online болдираниот поднаслов гласеше на следниов начин: „Германците стравуваат. Додека НАТО се фалеше со стравот на Студената војна од евентуелен напад/агресија на Советскиот Сојуз. Но сега од американските документи гледаме дека тој имал и друга задача: да ги ограничи и Германците“. Додека пак Стефан Корнелиус од Liberal Süddeutsche Zeitung во својот напис од 4 април 2019 година, анализирајки ја 70-годишната историја на Алијансата, посочува дека „организацијата е во криза на своето постоење“ и воедно забележува дека можеби „доаѓа почетокот на крајот од НАТО“. Понатаму, пензионираниот началник на германскиот Генералштаб Харалд Кујад, во едно телевизиско интервју за германскиот ARD, истакна дека НАТО е во “екстремно длабока криза”. Покрај ова, тој уште подвлече дека е против откажувањето на САД од договорот од 1997 година со Русија и дека договорот со Русија е од исклучителна важност за безбедноста на Германија. Германскиот пратеник пак од опозициската Лева Партија ( Die Linke) Александар Неу, на блогот Die Freiheitsliebe напиша дека роденденот на НАТО не е “причина да се прославува, туку повод за конечно да се преиспита НАТО, пред да биде предоцна”. Тој ја критикува Алијансата предводена од САД како организација која претставува “значителен безбедносен ризик за светот” и “систематски го нарушува меѓународното право”.

После се, денеска НАТО не е само организација која го шири влијанието на САД низ целиот свет, туку и еден вид бунар кој ги вовлекува и врши притисок врз другите земји за да ги поддржат американските авантури на места како што се Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и слично. Овој јубилеј од раѓањето на НАТО е причина за жалење, а не прослава. Единствениот начин да го одбележиме е да не заборавиме на неговите безбројни жртви.

Став на Хактан Реџеп Исмаил, член на Президиумот на Левица.