Позицијата на македонската Левица за состојбата во Венецуела


Интервју на Реџеп Исмаил (Хактан), член на Президиумот на Левица, за левичарската платформа LeftEast. До оригиналниот текст може да пристапите тука.

1. Дали вашата Влада излезе со официјален став за ситуацијата во Венецуела?

Ако ставовите искажани на твитер профилот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сметаат како официјални ставови на Министерството и самата Влада, тогаш одговорот е ДА, нашата влада има официјален став по повод ситуацијата во Венецуела. Ставот е типичен за една вазалска власт и потчинета земја, која целосно го има изгубено својот суверенитет на самостојна држава. Имено, ставот буквално гласеше како следново: „Како и за нашите европски партнери, така и за нас претседател на Венецуела е Хуан Гуаидо“, што само по себе не треба многу да се коментира.

2. Што открива ова за надворешната политика и меѓународната позиција на вашата држава?

Како што спомнавме погоре, потчинетоста на нашата Влада кон меѓународните институции од Западот, како промотори на (нео)либералните вредности, е очигледна и тоа не е нешто ново, но загрижувачки е тоа што ваквата појава веќе не е ни тема на маргините во јавната дебата на мејнстрим медиумите, и политичките дебати воопшто. Имено, во рамките на стратешките позиции на државата, политичките елити имаат отворена согласност само по прашањето за безусловно и ревносно следење на инструкциите и забелешките кои доаѓаат од овие институции (НАТО, ЕУ, ММФ и сл.).

А неретко, тие дури и се натпреваруваат во искажувањето на нивната лојалност кон нив, на тој начин често доведувајќи се во ситуација која најдобро ја опишува често користената поговорка на овие простори „бивање поголем папа од самиот папа“. Во оваа насока интересно беше да се забележи тоа дека опозицијата, поточно најголемата партија во опозиција ВМРО-ДПМНЕ, се обиде да изврши притисок кон власта, јавно повикувајќи таа да заземе официјален став во однос на случувањата во Венецуела, со оглед на тоа дека ставот на министерот искажан на твитер беше доста задоцнет во однос на актуелноста на прашањето. Што само по себе беше индикативно, поради сличната ситуација во која неодамна се најде токму нашата земја, кога под притисок на ЕУ и НАТО, како и директно од страна на САД и неколку водечки европски држави, потклекнувајќи на националистичката агресија на Р.  Грција, го промени уставното име без легитимитет и согласност од народот (пропаднат/неуспешен референдум).  

3. Дали некои левичарски партии/групи или движења излегоа со став во однос на Венецуела?

Со оглед на тоа дека ние, како политичка партија Левица, сме единствениот активен политички субјект во Македонија со отворена левичарска идеологија, за која се врзани уште неколку портали и едно левичарско движење за социјална правда, уште на самиот почеток на превирањата во Венецуела го осудивме обидот за империјалистичка агресија на САД. Нашата партија дури пред Владата на Македонија да излезе со став, застана во одбрана на чавизмот и отворено повикавме на солидарност со венецуелскиот народ, изразувајќи поддршка за нивната партија Обединета Социјалистичка Партија на Венецуела и демократски избраниот претседател Мадуро!

4. Дали гледате некакви паралели помеѓу тоа што сега се случува во Венецуела и некој момент во развојот на социјализам во вашата држава?

Од самото конституирање на Југославија, САД се обидуваше да влијае на нејзината политика, па од тука многу паралели можат да се повлечат. Македонија, „за среќа“, не беше директна мета на воена интервенција, како што беше Србија во 1999 година, ниту пак претрпе војна на своите простори каква што беше војната во Босна и Херцеговина, па затоа не сакам да ја релативизирам опасноста на ситуацијата во Венецуела, едначејќи ја со таа во Македонија во 90-тите. Но дефинитивно народот во оваа држава, со распадот на Југославија, преживеа и сѐ уште преживува тежок период на т.н. „транзиција“, на која навидум не ѝ се гледа крајот. Сето ова беше последица на активната анти-социјалистичка борба на САД, која директно го наруши суверенитетот на бројни социјалистички земји низ изминатиот век и продолжува да се обидува тоа да го стори и денес на оние неколку што преостанаа, па паралели во оваа насока можат да се повлечат. Можеби најочигледната паралела овде е и најзастрашувачка: доколку САД успее во своите намери, Венецуела ќе се стекне со сервилна влада којашто ќе работи во интерес на западните елити, на сметка на народот во Венецуела.